November 24, 2025

Отворен „Ресурсен центар“ – Владата со нов обид да го поправи лошото раководење со општините

Министерството за локална самоуправа преку промовираниот „Ресурсен центар“ меѓу другото ќе се обиде да стави ред и на се поголемите долгови на општините. Дека мора да се преземат мерки, говорат податоците кои покажуваат дека за половина година долговите на општините и на општинските јавни претпријатија ескалирале. Од податоците на Министерството за финансии се гледа дека во периодот март – септември долговите на општините се зголемиле за околу пет милиони евра и изнесуваат 68,4 милиони евра или за 7,84 насто повеќе. Дополнително ескалираа и долговите на општинските јавни претпријатија, кои за половина година ги зголемиле долговите за над 18,5 милиони и сега изнесуваат скоро 130 милиони евра или околу 17 насто повеќе од март.

Решението против долговите, во Министерството за локална самоуправа го гледаат во „Ресурсниот центар“ кој треба да им помогне на општините во доброто и одговорно владеење, но пред се во доброто управување со финансиите, меѓу кои е и собирањето на изворните даноци на општините.

„Оно што ние можеме да го ветиме како Централна власт е тоа дека со почнување од 2026 година, од следната година, ќе им ставиме на располагање ажурирани бази на даночни обврзници на локалните самоуправи, преко кои што ќе можат посоодветно да си ги колектираат сопствените извори на финансирање. Она е тоа што може централната власт, согласно процесот за децентрализација, да го направи. Понатаму, оставаме на успешноста на менаџирањето на градоначалниците, бидејќи е нивна одговорност да си ги располагаат сопствените буџети.“, рече Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Според Перински, овие бази на податоци од Катастарот ќе бидат бесплатни за сите општини и ако од 2028 година, кога ќе заврши апдејтувањето на сите податоци, не се собираат изворните даноци, локалните самоуправи ќе бидат ограничени во користењето на средствата од централниот буџет, односно нема да добиваат блок дотации и друг вид помош.

Идејниот творец на овој „Ресурсниот центар“ кој е уникатен систем за соработка меѓу општините, професорот Борче Треновски, вели дека тој ќе помогне во градење на институционални капацитети, во јавните финанси, во внатрешната ревизија, во стратешкото планирање, во имплементирање на капитални инвестиции, кај јавните набавки, во урбанизмот како и во извршување на буџетот. Според него, општинските буџети се важни, но поважно е да се промени општата матрица на размислување кај општинските раководства и администрација.

„Во смисла, бројките и буџетите се една работа. Тие не се само бројки. Политиките се важни. Мора секоја од оваа реформа, поддршка која се дава да биде проследена со определени политики за промена. Промена во нивните политики, во нивните шаблони на работа, во нивните статути. Дисциплината доаѓа преку воспоставување на рамка на нивното однесување. А таа доаѓа паралелно со поддршката која ја добиваат. И затоа ќе треба поддршка, нема да биде семоќен овој Ресурсниот центар и од многу други институција кои ќе ги стават во рамка нашите општини на правата патека.“, вели Борче Треновски, универзитетски професор.

„Ресурсен центар“ е замислен како централна точка каде ќе се спојуваат интересите на сите општини и од каде ќе може се реализира заедничката соработка меѓу сите локални но и институции на централно ниво, а ќе се координира и ќе се има увид на сета странска помош. Со ова, ќе треба конечно да се подобри и меѓуопштинската соработка која во моментов не е на зависно ниво.





TV21

Read Previous

Дизелот поевтинува – Ова се новите цени на горивата