Најмалку 11 лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во голем пожар што избувна синоќа околу 20:45 часот на седмиот кат на Домот за стари лица во Тузла, беше потврдено за БХРТ.
Според првичните информации, меѓу повредените има полицајци, пожарникари, медицински работници и вработени во институцијата што учествувале во евакуацијата на корисниците и давањето помош на штитениците.
Сите повредени добиваат медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар Тузла.
Телата на жртвите ќе бидат пренесени во Комеморативниот центар во Тузла за идентификација и обдукција. Увид на местото ќе се спроведе кога ќе дозволат безбедносните услови, а во тек е истрага за причините за пожарот.
Пожарот беше локализиран по неколкучасовна интервенција на пожарникарите од Тузла, со помош на колегите од Сребреник и доброволните противпожарни единици од Горна Тузла.
Во операцијата учествуваа и полицајци, екипи на брза помош и медицински персонал од здравствените центри од Лукавац, Сребреник и Калесија.
Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, свика вонреден состанок за утринава во 8 часот, на кој надлежните служби презентираа нови информации за околностите на пожарот, бројот на жртви и состојбата на повредените.
Повеќе детали се очекуваат во текот на денот по завршувањето на истрагата и официјални изјави од надлежните институции.

