November 4, 2025

Бугарија и Северна Македонија ќе потпишат договор за прекуграничниот железнички тунел на Коридор 8

Замениците-премиери и министри за транспорт и врски на Бугарија и Република Северна Македонија- Гроздан Караџов и Александар Николоски, на 6 ноември 2025 година ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и експлоатација на прекуграничен железнички тунел меѓу двете држави. Церемонијата ќе се одржи на железничката станица во Ѓуешево, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

На настанот ќе присуствуваат претставници на Европската комисија, дипломатските мисии на земјите од ЕУ и НАТО во Бугарија, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.

Трансграничниот тунел претставува клучен сегмент од транспортниот коридор „Западен Балкан – Источно Средоземјоморие“ и од стратешкиот Коридор VIII. Реализацијата на овој проект ќе ја овозможи железничката поврзаност меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и значително ќе го подобри транспортниот пристап помеѓу Црното Море и Јадранот.

Проектираната должина на тунелот изнесува околу 2,4 километри, од кои половината ќе се наоѓаат на територијата на Бугарија.

Изградбата на тунелот ќе придонесе за економскиот развој на регионот и ќе ја зајакне интеграцијата на транспортните мрежи на ниво на Европската унија и НАТО.

Read Previous

Албанија очекува членство во ЕУ до 2030

Read Next

Премиерот Мицкоски на Самит за проширувањето на ЕУ во Брисел