Албанија е поставена на јасна патека: до 2027 да ги затвори техничките поглавја од пристапните преговори, а до 2030 да биде подготвена за членство во Европската унија. Овие очекувања произлегуваат од нацрт-заклучоците во годишниот извештај за проширување што денеска го претставува Европската комисија, како и од јавно артикулираните цели на Тирана во изминативе месеци.
Досегашната динамика ја носи Албанија меѓу понапредните кандидати на Западен Балкан. Земјата отвори кластери во низа клучни политики – внатрешен пазар, конкурентност, зелена агенда и одржлива поврзаност – при што останува да се отвори уште групата што ги опфаќа земјоделството и кохезијата, цел што властите ја поставија „до крајот на годината“. Формално, тоа значи дека Албанија има отворено голем дел од поглавјата и влегува во фаза на интензивно усогласување и привремено затворање на материјата.
Европските институции паралелно испраќаат сигнал дека проширувањето добива политичка тежина. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, пролетва оцени дека Албанија, заедно со Црна Гора, е „очигледно понапредна“ од останатите кандидати – порака која беше засилена и со регионалната турнеја и настапите во Брисел во пресрет на овогодишниот пакет за проширување.
Од страна на Европската комисија, претседателката Урсула фон дер Лајен во Тирана ја пофали „забележливата забрзаност“ на реформите и најави дека Западнобалканскиот План за раст – со отворање делови од единствениот пазар и насочени инвестиции – треба да го скрати патот до интеграција, но секогаш условено со владеење на правото и борба против организираниот криминал. Токму тие области остануваат „непосреден приоритет“ и во извештајот за Албанија.
2030, сепак, не е автоматски датум, туку хоризонт што зависи од темпото на затворање на поглавјата и „верификативната“ ефикасност на реформите. Во пракса, тоа значи мерливи резултати во судството, трајни преседани во борбата со корупција и дрога, и усогласување со политиките на Унијата, вклучително и економска и климатска агенда. Само таква комбинација ја претвора политичката волја во правен чин на членство.
Racin
															
								

