October 10, 2025

Воена опрема и униформи набавени од Турција презентирани на Криволак

На Криволак беа презентирани воена опрема и униформи набавени од Турција.

Министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, амбасадорот на Турција во Македонија, Фатих Улусој, заменик-генералниот директор на „Аселсан“, Зекерија Шахин, директорот на канцеларијата на „Аселсан“ за Балканот, Доган Чошкун и други високи функционери присуствуваа на артилериското гаѓање со новите системи „Боран“ и на презентацијата на новата набавка на армиски униформи на армискиот полигон Криволак.

Во програмата беа претставени Системот за команда и контрола на огнена поддршка ADOP 300-T и Системите за контрола на артилерискиот оган ВОЛКАН 230/105, развиени од „Аселсан“.

Во својата изјава министерот Мисајловски го опиша денешниот ден како историски ден за армијата и Министерството за одбрана на земјата.

Мисајловски истакна дека со денешната презентација шесте хаубици „Боран“ од 105 милиметри набавени во јули официјално се ставени во употреба на армијата. 

„Драго ми е што имаме навистина еден многу добар стратегиски партнер. Тоа е нашата пријателска, братска Турција. Во овој момент сакам да им се заблагодарам на амбасадорот, на аташето, но и на Министерството за одбрана на Турција и Владата на Турција. Бидејќи со ова покажуваме дека навистина сме поблиску и поблиску за многу убави работи во иднина“, рече тој.

Мисајловски, исто така, рече дека на денешниот настан добиле 4.000 униформи како дел од билатералниот договор меѓу Турција и Северна Македонија.

Мисајловски изјави дека денес е изложен само дел од опремата што ја добиле и додаде: 

„Во периодот што следи, за нашите специјални сили ќе бидат додадени дополнителни артикли, меѓу кои и снајперски пушки, како и неоклопни возила.“.

Тој им се заблагодари на сите компании што дадоа поддршка на различни начини, особено на „Аселсан“ и „МКЕ“.

Лафчиски рече дека за само три месеци откако хаубиците „Боран“ пристигнале во земјата, војниците на македонската армија ги демонстрираа способноста и професионализмот што ја красат армијата.

Тој им упати посебна благодарност на своите партнери во Турција. „И, пред сѐ, на експертите од компанијата ‘Аселсан’ и ‘МКЕ’, кои рамо до рамо со нашите припадници работеа интензивно на армискиот полигон Криволак во касарната ‘Мирче Ацев’ и во Република Турција. Нивната стручна поддршка и несебичното пренесување на знаењата овозможија нашата армија да стане прва во Европа што го воведе ова современо артилериско вооружување во оперативна употреба“, реле Лафчиски.

Read Previous

Тројца загинати во катастрофалните поплави во западна Бугарија

Read Next

Камионџиите го селат бизнисот надвор од државата – новите правила за влез и излез од ЕУ, рампа за транспортерите