
Глобалната флотила Сумуд објави дека преносите во живо се прекинати од повеќето нејзини бродови, а израелските поморски сили ги опколиле бродовите што пловат кон Газа за да ја пробијат со години долгата блокада.
Организаторите рекоа дека пресретнувањето се случило откако израелските воени бродови ги блокирале комуникациите и тргнале кон запирање на конвојот.
Меѓународниот комитет за пробивање на опсадата на Газа (ICBSG) потврди дека израелските сили упаднале на бродовите „Алма“ и „Сириус“.
Неколку активисти објавија видеа на социјалните мрежи, потврдувајќи дека израелските бродови на морнарицата се приближиле до конвојот и им наредиле да го сменат курсот.
„Во моментов сме нападнати од ционистичката (израелската) армија“, соопшти Меѓународниот комитет за пробивање на опсадата на Газа (ICBSG) преку американската компанија за социјални медиуми X.
„Висок степен на тревога. Нашите бродови се нелегално пресретнати. Камерите се исклучени, а на бродовите се качил воен персонал.“
Комитетот изјави дека капетанот на бродот „Алма“, бродот лидер на флотилата, не ја послушал наредбата од израелската Армија да застане.
„Некои бродови веќе се пресретнати и е прогласена вонредна состојба на сите бродови“, се додава во соопштението.
Не се достапни непосредни детали за можни притворања и за судбината на бродовите.
Израел постојано ја предупредуваше флотилата да се повлече од намерата да ја пробие блокадата на Појасот Газа и да го промени својот курс.
Флотилата, која носи главно хуманитарна помош и медицински материјали, исплови на крајот на август во обид да ја пробие израелската блокада, и се очекува, под нормални околности, утре наутро да стигне до брегот на Газа.
Ова е првпат по повеќе години над 50 бродови да отпловат заедно кон Газа, носејќи 532 цивили поддржувачи од над 45 земји до енклавата, во која живеат 2,4 милиони Палестинци, а што е под израелска блокада речиси 18 години.
Израел уште повеќе ја заостри опсадата на 2 март со затворање на сите гранични премини и блокирање на храната, лековите и помошта, туркајќи ја Газа во глад и покрај тоа што камионите со помош чекаат на нејзините граници.
Израелската Армија уби над 66.100 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, во Газа од октомври 2023 година. Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата непогодна за живот и доведе до глад и ширење на болести.