
Во рамки на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на работниот ручек на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), одржан во рамки на српското претседавање со овој регионален форум.
Фокусот на дискусиите беше ставен на стратешката важност на процесот на проширување на Европската Унија, во контекст на актуелните геополитички предизвици и последиците од руската агресија врз Украина. Министерот Муцунски истакна дека ЦЕИ претставува значајна платформа за дијалог, солидарност и партнерство – вредности што се најголема сила на регионот во време на глобални промени.
Тој нагласи дека интеграцијата на Западен Балкан не смее повеќе да се одложува, туку мора да се третира како инвестиција во безбедноста и стабилноста на Европа. „Остануваме целосно посветени на европскиот пат – како геостратешка неопходност за стабилен и просперитетен регион,“ подвлече министерот Муцунски.
Skopjeinfo