September 27, 2025

Летово во Грција дневно влегуваа меѓу 15 и 25.000 лица

– Има гужви на граница? Колку време се чека за влез во Грција? Во колку е најдобро да тргнеме за да ги избегнеме колоните? Да одиме преку Богородица или преку Дојран? Беа најчесто поставуваните прашање во изминатите месеци на социјалните мрежи во групите за туристи, пред сè од Балканот, кои разменуваа искуства за нивниот летен одмор во Грција и како најлесно и најбрзо да стигнат до нивната дестинација.

Не е мал бројот на оние кои чекале и над три часа за влез во Грција, а за македонска туристка, како што сведочи за МИА, патувањето од Скопје до вториот крак на Халкидики траело речиси 11 наместо пет часа, доколку на граничниот премин немаше гужви.

Сето ова се очекува да се смени откако ќе заврши надградбата на граничниот премин Евзони, што го најави Министерството за внатрешни работи на Грција, проект во висина од 24,6 милиони евра, но од друга страна пак новиот систем (ЕЕС) за влез и излез што пилотски стартува на 12 октомври може дополнително да го отежне функционирањето на преминот, како што за МИА посочува претседателот на Унијата на полицајци од Килкис Христос Карјотудис.

Проектот „Надградба на граничниот премин Евзони – Килкис“ на Министерството за внатрешни работи на Грција, предвидува архитектонска и енергетска надградба на постоечките објекти и инфраструктура; сообраќајна надградба на патната мрежа преку прераспоредување на активностите, како и обезбедување на потребните услови за значително подобрување на услугите за пасошката, царинската, фитосанитарната и ветеринарната контрола, а соодветната одлука од надлежниот министер беше потпишана минатиот месец.

За модернизацијата на преминот од грчка страна, извори од надлежното грчко министерство за МИА објаснуваат дека целта е токму да се намали чекањето, особено во летните месеци, посочуваат дека станува збор за голем проект, додека пак додека траат работите, граничниот премин ќе функционира нормално и без проблеми.

Претседателот на Унијата на полициски службеници од Килкис во разговор со дописничката на МИА од Атина, позитивно ги оценува најавите за надградбата, но од друга страна изразува загриженост за функционирањето на новиот систем ЕЕС и оценува дека тоа може донесе дополнителни доцнења и зголемување на времето на чекање на границите.

Карјотудис коментира дека кога граничниот премин бил изграден пред многу години, не било предвидено дека ќе има толку голем број туристи и возила во летниот период со резултат, лентите и за влез и за излез од земјата да не се доволни, па затоа и се создаваат редици.

За влез во Грција се девет до десет ленти, а за излез се двојно помалку.

– Во текот на летниот период имавме од 15 до 25.000 лица дневно, во зависност од денот. Со надградбата, од она што го имаме ние како информација, планирано е да се зголеми бројот на сообраќајните ленти и за влез и за излез. Колку точно ќе бидат не знам сигурно, можно е да бидат дополнителни две при влез и дополнителни две за излез, објаснува Карјотудис.

Дополнително изразува надеж дека со надградбата ќе се намалат гужвите и редиците и ќе биде полесен и влезот и излезот, а се осврнува и на нивното континуирано барање за зајакнување на персоналот.

– Ние, како Унија на полицајци постојано баравме да се зголеми персоналот. Оваа година беше првпат кога државата одговори позитивно со дополнителен персонал, со дополнителни околу 20-25 полицајци, но констатиравме дека ниту овие не се доволни со оглед на зголемениот патнички сообрќај. Па така за да кажеме дека следната година ќе функционира правилно преминот, доколку се надгради, односно ако се зголеми бројот на ленти, ќе ни бидат потребни сигурно уште 40 колеги полицајци, објаснува за МИА претседателот на Унијата.





Kurir

Read Previous

Значајна поддршка од ТИКА до Уставниот суд, започнува процес на комплетна дигитализација

Read Next

Муцунски на состанок на министрите за надворешни работи на ЦЕИ во Њујорк