
Македонската економија оваа и наредната година ќе оствари раст од 3 проценти- проектира Европската банка за обнова и развој во својот есенски извештај. Ова е нагорна ревизија за 0,4 односно 0,3 процентни поени во однос на мајската проекција на Банката. Во извештајот стои дека Македонија забележала подобри резултати од очекуваните во првата половина од годинава, со силни перформанси во градежништвото и зголемени инвестиции.
„Реалниот раст на БДП е проектиран на 3 проценти во 2025 и 2026 година, поткрепен со силна домашна побарувачка и забрзано извршување на јавни инвестициски проекти, особено изградбата на автопатски делници долж паневропските коридори 8 и 10. Зголемените инвестиции во општините пред локалните избори кон крајот на 2025 година може да обезбедат дополнителен стимул на краток рок. Се очекува потрошувачката на домаќинствата да остане стабилна, поддржана од зголемувањето на реалните плати и повисоките владини трансфери“.
Ризиците според Банката произлегуваат од ограничениот фискален капацитет и надворешната нестабилност, особено поради структурните прилагодувања во европската автомобилска индустрија и зголемената глобална неизвесност.
Оптимист пак дека ќе се остварат владините проекции за раст на БДП годинава од 3,7%, кои се пооптимистички и од тие на ЕБОР е министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Во емисијата Бизнис 21 кажа дека сме на прав пат и дека особено радува тоа што растот сега го генерира приватниот сектор, кој е моторот на економијата, а не јавната потрошувачка.
„Она што дополнително радува и охрабрува е фактот дека после долго време лоши резултати во градежништвото, или многу слаби стапки на раст или да кажеме дури и напротив податоци во минус, ние сега може да зборуваме дека имаме навистина високи стапки на раст во градежништвото од над 7%, нели како една од дејностите кои што имаат големо значење за Бруто домашниот производ, истото е со индустријата. Но она што мене лично посебно ме радува, тоа е земјоделството. Кај земјоделството имаме стапки на раст“, порача Гордана Димитриеска Кочоска.
Според ЕБОР, највисок раст годинава во регионот, ќе има Косово 3,9 проценти, Албанија, 3,5, Црна Гора 2,6, Србија 2,5, а најнизок Босна и Херцеговина 2,2 отсто.
TV21