September 24, 2025

Затворен Факултетот за бизнис и економија, контролите на образовните институции продолжуваат

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска потврди дека Факултетот за бизнис и економија е затворен.

Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека високо образовната установа – висока школа наречена Факултет за бизнис и економија постои од 2011 година и релативно добро функционира до 2022 година кога се менува сопственичката структура на факултетот.

-Тогаш почнуваат проблемите во високата стручна школа. Најавував дека мора да се подигне квалитетот во високото образование, МОН формираше комисија и направи увид во оваа институција и утврдивме бројни неправилности. Од кадар од опременост, им дадовме еден месец рок да ги поправат неправилностите, но бидејќи тие воопшто не реагираа, а дополнително ги изгубија и просторните можности, се обративме до Агенција за квалитет во високо образование, која потврди дека овој таканаречен факултет е нефункционален и според законот ние вчера издадовме решение за привремен престанок за работа на оваа високо образовна установа, истакна Јаневска.

Министерката потврди дека постојат и други високо образовани институции каде се регистрирани неправилности во работењето.

-Превземаме мерки. За два дена започнуваат изборите и во овој период одредени активности се забранети. Но, по изборите активно продолжуваме. Затворивме 14 приватни универзитети, а ова е првата приватна високообразовна установа која нема повеќе да работи. Се надевам дека по урнекот на приватните универзитети, бидејќи дел од нив кога видоа дека контролиме и сами одлучија да се затворат, и високообразовните установи кои навистина не исполнуваат услови сами ќе пристапат кон процес на затворање, ако не ние ќе ги затвориме, децидна е министерката за образование.






Kurir

Read Previous

Гласачките материјали ќе чинат околу 800.000 евра, а еве и колку ќе не чинат овие избори

Read Next

Во Албанија се одржа собир за поддршка на Палестина