November 7, 2025

Муцунски од Њујорк за стратешкиот дијалог, НАТО-соработката и трговскиот договор со САД

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, истакна дека со партнерите во НАТО-алијансата земјата споделува заеднички грижи за европските и глобалните предизвици, порачувајќи дека секогаш е важно кога на високо ниво се координираат и разменуваат ставови и мислења.

Во телевизиско интервју од Њујорк, Муцунски говореше за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и за интензивната политичка агенда во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.

Осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД), Муцунски рече дека тој подразбира низа конкретни мерки фокусирани кон унапредување на односите меѓу двете земји.

„На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон“, рече Муцунски, според соопштението на Министерството за надворешни работи.

Тој се осврна и на сојузништвото со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски аранжман.

„Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички грижи за европските и глобалните предизвици, и секогаш е важно кога на високо ниво координираме ставови и разменуваме мислења. Во делот на тарифите, сме во завршна фаза на подготовка на ново решение кое ќе донесе пониски давачки – како општи, така и специјални за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме драфт-текст, преговорите се одвиваат успешно и очекувам наскоро конечна верзија која ќе ѝ биде презентирана на јавноста“, додаде Муцунски.

Тој ја истакна и важноста на бројните средби со светски лидери, посочувајќи дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните позиции на Владата по сите суштински и стратешки прашања.

Информираше и за динамичната агенда во рамки на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и на поставувањето нови приоритети од регионален и глобален интерес.​​​​​​​

„Ќе продолжиме на мултилатерално поле да ги користиме сите можности што ги има државата, бидејќи дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа мора да носи конкретни придобивки за граѓаните“, посочи Муцунски.

Read Previous

Скопје се најде меѓу десетте „најпотценети туристички дестинации“ во светот што треба да се посетат во 2026 година

Read Next

Милановиќ во Њујорк: Хрватска треба да ја признае Палестина, тоа не е награда, тоа е нивно право