September 23, 2025

Милановиќ во Њујорк: Хрватска треба да ја признае Палестина, тоа не е награда, тоа е нивно право

 Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ синоќа во Њујорк изјави дека Хрватска треба да ја признае палестинската држава, и нагласи дека тоа не е награда за Палестинците, туку нивно право.

„Палестина треба да биде признаена, а Хрватска треба да го стори истото тоа. Кога ќе го стори тоа, зависи од предлогот што ќе дојде од Владата до Парламентот, јас ќе го поддржам“, рече Милановиќ по учеството на Меѓународната конференција за мирно решавање на палестинското прашање и имплементација на решение за две држави, што се одржа во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

Тој го коментираше и признавањето на Палестина од страна на Франција, што го објави францускиот претседател Макрон на конференцијата.

„Франција ја призна Палестина, таа е уште една од земјите што ја признаа палестинската држава. Ова не е награда или отстапка за Палестинците, тоа е нивно право. Ова право произлегува од првата резолуција 181 од ноември 1947 година. Не можеме да ја гледаме целата трагедија на Палестина и палестинскиот народ освен во контекст на настаните од последните сто години. Палестина одамна требаше да има своја држава“, рече тој.

На прашањето на новинарите дали признавањето на Палестина ќе промени нешто, особено откако израелскиот премиер изјави дека создавањето палестинска држава нема да се случи, претседателот Милановиќ рече дека Израел ќе продолжи со нападите сè додека има заштитник.

„Израел ќе продолжи да убива, тоа е убиствен режим кој заклучи дека тоа може да го прават сѐ додека имаат заштитник“, изјави тој, јавува ХИНА.

На прашањето што очекува од говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во ОН, Милановиќ рече дека не очекува ништо.

„Тој ќе биде против признавањето на Палестина, тоа е јасно. Зошто е тоа така, потешко ми е да разберам. Како е во интерес на САД да го поддржуваат ционистичкиот режим на овој начин? До 1991 година, разбирам, поради Студената војна. Но, сè што се случи потоа е на штета на САД. Тоа не ѝ прави никаква корист на Америка, особено во однос на безбедноста“, рече тој.

„Што се однесува до Хамас, тие се создадени од Израел. Исто како што муџахедините беа на одреден начин создадени од американската администрација, така и Израел, за да ја потисне Фатах, организацијата на која ѝ припаѓаше Јасер Арафат и која имаше голем легитимитет меѓу арапското и палестинското население, го создаде Хамас, кој е плод на израелските тајни служби“, додаде Милановиќ.

Конференцијата во Њујорк е одржана на иницијатива на Франција и Саудиска Арабија за да се оживее политичкиот процес со цел воспоставување на мирот на Блискиот Исток и решението за две држави, Израел и Палестина, кои ќе живеат во мир, безбедност и меѓународно признаени граници.

Read Previous

Муцунски од Њујорк за стратешкиот дијалог, НАТО-соработката и трговскиот договор со САД

Read Next

Сѐ уште се активни пожарите на Кожуф, во Македонски Брод и во Студеничани