September 19, 2025

Меморандум за соработка помеѓу МФ и ФИНКИ

Министерството за финансии и ФИНКИ, водејќи се од својата мисија и цели, преку овој Меморандум отвораат можност за заедничко дејствување и соработка на широк спектар активности што се од заемен интерес, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.

Министерството за финансии и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ја зајакнуваат соработката преку потпишување Меморандум за соработка. Меморандумот за соработка денеска го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и деканот на ФИНКИ проф. д-р Петре Ламески.

Како што истакнаа потписниците, со Меморандумот за соработка ќе се поттикнува развој и афирмација на области од заеднички интерес, ќе се овозможи размена на професионални искуства, а воедно со него ќе се придонесе кон развојот на јавните политики преку дигитални и иновативни решенија.

„Министерството за финансии и ФИНКИ, водејќи се од својата мисија и цели, преку овој Меморандум отвораат можност за заедничко дејствување и соработка на широк спектар активности што се од заемен интерес“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.

Меморандумот предвидува соработка во поглед на спроведување истражувања и анализи, изработка, учество и имплементација на проекти, активности поврзани со доусовршување преку обуки, конференции семинари и сл., поддршка на процесот на дигитализација на МФ, поблиска соработка на Академијата за јавни финансии (сектор во рамки на МФ) со ФИНКИ, ангажирање екперти од МФ во наставниот процес на Факултетот, дополнителна обука, усовршување и развој на вештините на вработените во МФ и други форми на размена на знаења и искуства.

Оваа соработка е дел од пошироката определба на Министерството за финансии во насока на градење партнерства со академската заедница. Претходно, Министерството за финансии склучи Меморандум за соработка и со Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а со цел унапредување на стручната размена и јакнење на капацитетите во области од заеднички интерес.





Kurir

Read Previous

Наредба за истрага против 15 лица осомничени за пустошење шуми