September 17, 2025

АХВ почна со орална вакцинација на лисиците против беснило, внимателно движете се во природа

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 15 септември почна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило. Кампањата се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип и се реализира со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA). Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.

Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина. Во оваа кампања фрлени ќе бидат околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на септември годинава, а со истата ќе се одбележи Светскиот ден за борба против беснило – 28 Септември.

Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и кои не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир.

Доколку сепак се случи да дојдет во контакт со мамките, рацете задолжително да се измијат со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително да се побара помош од доктор по медицина. За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје.

Три недели по завршувањето на вакциналната кампања, АХВ ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг), при што апелираме до ловните друштва, од средината на месец октомври, согласно склучените договори, да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици.

Македонија почна со имплементација на Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило во мај 2011 година кога се реализираше првата кампања. Оттогаш потврдени се 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден кај домашна мачка во 2012 година. Од 2012 година, кога е потврден последниот случај на беснило кај мачка во Радовишко, во земјава не се регистрирани нови случаи на болеста кај домашните животни. Овогодинешната есенска кампања за орална вакцинација се спроведува за прв пат по 3 години пауза, односно последната ваква акција е извршена во есента 2022 година.

TV21

Read Previous

Во јули годинава прометот во индустријата е зголемен за 13.8% во однос на истиот месец лани

Read Next

Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс во Куманово