August 28, 2025

Спречен обид за криумчарење препарати за заштита на растенија преку ГП Меџитлија

Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на поголема количина препарати за заштита на растенија.

Во раните утрински часови, на 26.08.2025 година, при вршење на редовна царинска контрола на патничко моторно возило Mercedes со македонски регистарски таблички, со кое патувало семејство што изјавило дека се враќа од одмор во Турција и преку Грција пристигнало на влез во нашата земја, од страна на царинските службеници биле откриени 322 шишиња хемиски препарати за прскање, од кои 300 шишиња инсектицид CORAGEN 20 SC и 22 шишиња фунгицид Bellis BASF со вкупна вредност од 16.058,00 евра.

Препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта. Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако станува збор за стока што подлежи на посебен режим на дозволи со што безбедноста на производите не е гарантирана .

Стоката е задржана, возилото со кое била транспортирана е одземено, а против лицето ќе биде поведена кривична постапка. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување.

Секојдневните заложби на царинските службеници во сузбивање на нелегалната трговија и шверцот е многу важно со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување криумчарење на производи коишто се штетни за здравјето на граѓаните.





ТV21

Read Previous

СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Read Next

Шкендија денеска сака да го повтори успехот против Лудогорец