August 28, 2025

Учебници за сите ученици на стартот на новата учебна година

Сите ученици ќе имаат учебници на почетокот на новата учебна година и тоа по сите предмети согласно наставните планови во соодветните одделенија. Втора година по ред печатењето и испораката на учебниците се реализира навремено, а секое училиште ќе го добие тиражот кој го има побарано преку посебната електронска апликација на Министерството за образование и наука.

Обезбедени се и учебници по странските јазици, за прв пат после седум години во кои недостигаа, а наставниците и учениците самостојно се снаоѓаа со литература. Нови учебници со унапредена содржина има и за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиско образование, каде започнува примената на нови наставни програми. Над 100 нови наслови ќе бидат достапни и за учениците од средните стручни училишта.

Изработката, печатењето и испораката на учебниците беше голем предизвик во минатото. Прашањето е системски решено, со новиот Закон за учебници во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, вклучително и автори, рецензенти, но и сите издавачки куќи во државата.

Сите надлежни институции, органи и тела кои учествуваат во постапката за обезбедување на учебници, доследно и навремено ги исполнија своите должности, за што Министерството за образование и наука изразува благодарност и повикува заедничкото делување за обезбедување на подобро образование да продолжи и понатаму. Учебниците се основен услов за квалитетен воспитно – образовен процес.






TV21

Read Previous

Билал Суџубаши по осум години на чело на Халкбанк АД Скопје заминува на нова функција

Read Next

СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници