August 22, 2025

Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.

Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.

Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.

МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.

Министерката Сања Божиновска истакна:

„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “

ZOOM

Read Previous

Муцунски: Владата успешно ги реализира тешките реформи поврзани со ЕУ – бараме предвидливост на овој пат

Read Next

Вучиќ повика на јавна дебата, студентите возвратија: Кога ќе распишете избори