August 22, 2025

Муцунски: Владата успешно ги реализира тешките реформи поврзани со ЕУ – бараме предвидливост на овој пат

Во интервју за NewsMax Balkans, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше за европската интеграција на државата, регионалните прашања, членството во НАТО, партнерството со ЕУ во сферата на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.

„Подготвени сме да ги завршиме тешките реформи – и веќе тоа го правиме. Со тоа јасно го демонстрираме стратешкиот правец во кој се движиме. Но време е и Европската Унија, нејзините институции и земји-членки, да покажат подеднаква посветеност на нашиот европски пат,“ изјави министерот Муцунски.

Тој нагласи дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата црвсто стои  на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.

Министерот се осврна и на членството во НАТО и придонесот на државата кон регионалната, европската и глобалната безбедност, вклучително и преку Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Македонија и ЕУ,  договорите за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија.

Во делот на економијата, министерот истакна дека според најновите статистики, Северна Македонија е лидер во регионот и во Европа по обем на странски инвестиции во однос на БДП.

„Граѓаните и бизнисите сакаат резултатите да ги почувствуваат и на терен. Најчесто бенефитите од големите инвестиции се видливи по шест месеци до една година, преку нови и подобро платени работни места, зголемена продуктивност и соработка со домашни компании,“ додаде Муцунски.

Тој посочи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Дирекцијата за ТИРЗ, работи на обезбедување сигурност и поддршка за странските инвеститори, со крајна цел граѓаните да го почувствуваат ефектот на инвестициите во нивниот животен стандард.

„Ветувам дека ќе работиме уште посилно за да се позиционираме уште подобро во следното мерење наредната година,“ заклучи министерот Муцунски во интервјуто за NewsMax Balkans.

Read Previous

Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Read Next

Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати