August 9, 2025

Протест за поддршка на палестинскиот народ одржан во Скопје

Вчера во Скопје се одржа мирен протест за осуда на геноцидот врз палестинскиот народ и за изразување солидарност со цивилите во Појасот Газа.

Протестот, на кој учествуваа студенти и граѓани по повиците на социјалните мрежи, се одржа пред Собранието на Северна Македонија.

Демонстрантите носеа палестински знамиња и извикуваа слогани за поддршка на палестинскиот народ.

Протестот пред Собранието беше организиран откако тоа неодамна не ја усвои иницијативата за вметнување на дневен ред на резолуцијата за тешката хуманитарна криза во Појасот Газа, што беше оценето како молк и занемарување од страна на државните институции.

Говорејќи на протестот, активистката Јасмина Голубовска рече дека се собрани како колектив на совеста, а не како поединци, за да покажат дека палестинскиот народ не е сам, и ја осуди тишината наспроти геноцидот во Газа.

„Денескa не сме дојдени заради некој настан или спектакл, тука сме да сведочиме дека пред нашите очи исчезнуваат цели градови и села од површината на оваа планета… Пред нашите очи се случува геноцид. Кога жени, деца и мажи, кои се цивилно население, ги убиваат со куршуми, глад и жед, ние сочувствуваме со нив и тоа го гледаме како рана во нашата совест“, рече Голубовска.

Таа исто така повика на дејствување од страна на државните институции, барајќи од пратениците и Парламентот да создадат услови за испраќање хуманитарна помош во Палестина и да го покажат својот став против геноцидот.

Од друга страна, активистот Дрин Шаќири изјави дека се собрани како сведоци на геноцидот што се случува во Газа.

„Во Газа не се случува конфликт. Се случува злосторство, злосторство што има име, има жртви и има виновници. Во Газа се убиваат луѓе, се убива еден цел народ пред нашите очи“, рече Шаќири, повикувајќи ги државните институции да заземат став против геноцидот во палестинската енклава.

Инаку, Израел се соочува со сè поголем гнев поради разорната војна во Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени повеќе од 61.000 лица. Воената кампања ја уништи енклавата и ја доведе на раб на општ глад.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел исто така се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во палестинската енклава.

Read Previous

Велика Британија на 8 октомври ќе биде домаќин на самит за Западен Балкан

Read Next

Отворена детската градинка „Бамби“ во Чаир – капацитет за 350 деца