
Пожарникарите на грчкиот остров Тасос се обидуваа преку ноќ да ги стават под целосна контрола пожарите што избувнаа на островот во среда навечер, објавува „Катимерини“.
Пожарите избувнаа на четири различни фронта, кратко пред осум часот синоќа, и сè укажува дека се предизвикани од удари од гром, поради грмотевици што го погодија островот, според грчката веб-страница.
Копнените и воздушните противпожарни сили беа итно мобилизирани, што беше отежнато од силните ветрови на Тасос.
Имаше голема мобилизација и од Кавала, при што пожарникари и возила беа преместени на островот.
Утрово, два авиони се придружија на гаснењето како мерка на претпазливост, во обид да се спречи повторно избувнување на пожарите.
Според грчката противпожарна служба, копнените сили продолжуваат да дејствуваат како мерка на претпазливост на островот, за да се спречи повторно избувнување поради силните ветрови и високите температури што преовладуваат на Тасос.