
Македонија станува примамлива дестинација за странските туристи. Бројките говорат дека над 101.000 странци само до мај ја посетиле земјава, што е раст за 27,7 проценти во однос на лани. Најпривлечни дестинации биле Скопје и Охрид. А најмногу гости доаѓале од Турција, Германија, Франција, Србија. А тука се и нашите печалбари кои сега во летниот период се во посета на своите најблиски. Туристичките работници задоволни, но велат бројките сè уште поголеми.
„Има многу број на станови, станоиздаватели во Скопје и во Македонија кои што не ги пријавуваат странските гости и мислиме ако тие гости се пријавуваат ќе биде енормно зголемен бројот на странски туристи што престојуваат во Македонија.“, изјави Аркан Керим, претседател на туристичко-угостителската комора при ССК.
Бројките во туризмот во моментов се многу добри, но може да ги зголемиме, вели Керим. Според него бројот на странски туристи кои доаѓаат во земјава може двојно да порасне, но има уште работа.
„Прво треба хигиената во градовите да ја зголемиме на повисоко ниво. Значи треба сега во пресрет на локалните избори значи да се средат градските плоштади, главните артерии на сите патишта во Македонија.
Треба да направиме убава промоција на Македонија во странство. Дали со реклами во медиумите дали со промоција и презентација во странските држави кои што ни се потенцијални добри пазари за носење на странски туристи во Македонија“, изјави Керим.
Во туристичките капацитети во земјава работат 26.000 лица, а туризмот учествува со 7,4 % во БДП. Ако се задржи трендот на раст на бројот на туристи, очекувањата се дека годинава ќе се сруши ланскиот рекорд. Ќе достигнеме околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава. Тоа би донело приходи од туризмот до 500 милиони евра.