
Турција денес го одбележува 15 Јули, Ден на демократијата и националното единство, кој наедно ја одбележува и деветгодишнината од неуспешниот обид за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО.
Годинашните активности на 15 јули во Турција и низ целиот свет се организирани под слоганот „Името на победата е Турција“. Активности ќе бидат организирани и во земјите од регионот.
Турските амбасади и конзулати низ целиот свет, исто така, организираат комеморативни активности, нагласувајќи го меѓународното значење на неуспешниот обид за државен удар.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција ноќта меѓу 15 и 16 јули 2016 година. Станува збор за терористичка мрежа предводена од Фетула Ѓулен, кој со години живееше во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Анкара официјално ја побара од САД. Тој почина минатата година.
Припадниците на оваа терористичка организација со години напредуваа во државната служба преку местење испити, при што се инфилтрираа во институциите на државата. Подоцна, во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во турското правосудство, преку монтиран процес за наводна корупција, се обидоа да гонат голем број високи функционери.
По неколку години следуваше и крвавиот обид за државен удар изведен од офицери инфилтрирани од ФЕТО во турската армија.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа што претставува закана не само за Турција туку и за секоја друга земја каде што е активна. Турските власти во повеќе наврати укажаа на оваа закана.
За време на обидот за пуч во Турција загинаа 253 лица, а повеќе од 2.730 беа повредени.