
Владата на Северна Македонија донесе одлука да прогласи 30-дневна кризна состојба на целата земја поради зголемениот број пожари.
Марија Митева, портпаролката на Владата, на прес-конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот со кризи.
„Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – Армијата, полицијата, сите противпожарни единици, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички се со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, рече Митева.
„Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја со цел спречување на поголеми последици“, истакна Митева повикувајќи ги граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани.
Кон крајот на минатиот месец Владата објави дека се забранува влегување во шумите од 1 јули до 31 август.
Со оглед на можноста за зголемен ризик од шумски пожари на отворени површини во текот на летните месеци, оние што нема да се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра.
Ризикот од шумски пожари во земјата е висок и граѓаните се предупредуваат да бидат внимателни.