
ТАВ Македонија и Виз ер, денеска, 3-ти јули 2025 година, во 12 часот, на дојдовниот лет од Дортмунд, заеднички го пречекаа 15 милионитиот патник на оваа нискобуџетна авиокомпанија во земјава, од нивниот влез на пазарот во 2011 година досега.
Во знак на благодарност за лојалноста на патникот/патничката, ТАВ Македонија му подари патнички реквизити, а Виз ер му додели вредносен ваучер за авиобилети за дестинација која тој/таа самиот ќе ја избере.
“Во годината кога ја одбележуваме нашата 15 годишнина на пазарот, денеска го наградивме 15-милионитиот патник на Виз ер и со тоа ја прославивме нашата 14 годишна плодна партнерска соработка со овој авиопревозник, кој лета до вкупно 30 дестинации и 12 земји од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Заедно со нив и со Владата, продолжуваме заеднички да работиме на проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродроми, правејќи ја Европа и светот поблиски како за македонските граѓани, така и за граѓаните од околните земји”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, која е членка на француската групација АДП (Aeroports de Paris), партнерството со нискобуџетната унгарска авиокомпанија, Виз ер, го почна во јуни 2011 година, со првиот лет од Меѓународниот Аеродром Скопје до аеродромот Лутон-Лондон.
Во јули 2015 година, Виз ер почна со летови и од охридскиот аеродром, со летот од Охрид кон Базел.
Виз ер денес има база од пет авиони на Меѓународниот Аеродром Скопје и опслужува 30 дестинации до 12 земји до и од нашата земја, со пазарен удел од над 46%, со што е најголемиот авиопревозник на македонскиот пазар.
„Достигнувањето на 15 милиони патници во Северна Македонија е извонреден успех и доказ за нашата силна врска со ТАВ Македонија и нашите патници тука. Како лидери на пазарот, нудејќи летови до 30 дестинации од оваа земја, горди сме што играме клучна улога во поддршката на економскиот раст, како и во отворањето врати за деловни можности и охрабрувањето на посетителите да ја истражат богатата култура и прекрасните пејзажи на Северна Македонија. Возбудени сме што денес го прославуваме овој пресврт со среќниот патник и остануваме посветени на обезбедување ниски цени, сигурна услуга и повозбудливи можности за патување за сите во оваа земја.“ – изјави Андраш Радо, раководител за комуникации во Виз Ер.
Во 2024 година Визер превезе 1,8 милиони патници преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а според бројот на патници, најфрекфентни рути на Виз ер се авиолиниите од Скопје до Милуз, Дортмунд, Мемингем и Берлин.
ТАВ Македонија и Виз ер и натаму продолжуваат партнерски да работат, со развивање на мрежата на авиолинии од скопскиот и охридскиот аеродром, зголемување на бројот и понудата на дестинации според барањата на патниците, со цел поголема достапност кон Европа и светот за македонските граѓани, како и за граѓаните на соседните држави.
ТV21