
Поради шумски пожари на грчкиот остров Крит, евкауирани се повеќе од 1.500 луѓе од хотели и села. Шумскиот пожар на јужниот брег на островот се проширил брзо во текот на ноќта, соопшти Службата за цивилна заштита.
Жителите на три места надвор од пристанишниот град Иерапетра биле принудени да ги напуштат своите домови. Пламените јазици, разгорени од силните ветрови, беснееле низ шумите на крајбрежниот регион. Според извештаите, оштетени се повеќе објекти.
Две лица во текот на ноќта биле евакуирани со брод, додека шест приватни бродови биле во состојба на готовност во случај да бидат потребни дополнителни евакуации по море, се вели од крајбрежната стража. Причината за пожарот сè уште е нејасна.
Нема извештаи за тешко повредени
„Ова е исклучително тешка ситуација. Пожарот е тешко да се локализира“, изјави службеникот за цивилна заштита Нектариос Пападакис за новинската агенција АП. Пожарникарите и припадниците на Службата за цивилна заштита издадоа предупредувања преку мобилни телефони за евакуација и ги повикаа жителите да не се враќаат од страв за својот имот.
Се наведува дека неколку жители морале да бидат згрижени поради тешкотии со дишењето. Засега нема извештаи за тешко повредени. Туристите кои беа евакуирани се безбедни, рече Пападакис. „Тие се сместени во кошаркарска сала и хотели во други делови од островот“.
Распоредени противпожарни авиони
За ставање на пожарот под контрола во акција се противпожарни авиони и хеликоптери, а противпожарната служба е засилена со дополнителен персонал од други региони на Грција, објавија властите.
Опасноста од пожари во многу региони на Грција е и натаму огромна, објави Службата за цивилна заштита. Ветровите, во комбинација со сушата, би можеле дури и најмалиот пожар да го претворат во голем пожар, предупредува противпожарната служба.
DW