June 30, 2025

Второ електронско пријавување за полуматурантите за учебната 2025/2026 година

Полуматурантите кои не успеале да се запишат во средно образование на првото пријавување во јуни, денеска имаат нова шанса преку второто електронско пријавување за учебната 2025/2026 година. Потребната документација до избраните училишта ќе се доставува утре, додека конечната ранг-листа со запишани ученици ќе биде објавена в среда, на 2 јули, најдоцна до 12 часот.

Според податоците на Министерството за образование и наука за второто пријавување има вкупно 16.034 слободни места во средните училишта. Од нив, 10.758 се за паралелки на македонски наставен јазик, 4.781 на албански, 474 на турски и 21 место на српски наставен јазик. Слободните места за стручно образование – 12.307, додека за гимназиско образование остануваат 3.727 слободни места.

Конкурсот за упис веќе е затворен за дел од гимназиите, меѓу кои „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Никола Карев“ во Скопје, како и за одредени сектори и квалификации во стручните училишта, каде што слободните места се пополнети уште во првиот рок.

За учениците кои нема да се запишат во овој јунски рок, следната можност е августовскиот уписен рок. Електронското пријавување ќе се спроведе на 21 август, кога истовремено ќе се доставува и потребната документација до училиштата. Резултатите од запишувањето ќе бидат објавени ден подоцна, на 22 август.





ZOOM

Read Previous

Поранешниот бугарски премиер поднесе оставка

Read Next

Од утре стапува на сила забраната за движење во шумите, казни до 2000 евра