June 28, 2025

Од јули стартува проектот за е-фактура, во текот на 2026 година ќе стане целосно задолжително

Проектот за е – фактура започнува ова лето, а од почетокот на 2026 ќе стартува тест – периодот со компаниите. Управата за јавни приходи најавува дека системот ќе се воведува етапно, во координација со стопанството, а целосната задолжителна примена ќе биде од втората половина на 2026 година.

„Задолжителната имплементација планираме после проверката и потврдувањето дека системот е сигурен и стабилен, планираме да започне од третиот квартал 2026 година. Веројатно, ќе биде етапно, зависно од корисниците на системот“, вели Елена Петрова, директорка на УЈП.

Е – фактурата значи целосна дигитализација на системот за издавање, прием и потврда на фактурите. Преку неа, секоја фактура издадена од компаниите ќе стане истовремено и даночен документ, кој во реално време ќе се пренесува до УЈП. Ова ќе го замени досегашниот модел каде податоците стигнуваа периодично и со доцнење.

„Генерално можам да сумирам дека оваа е – фактура како процедура ќе значи да нема онакви фантом фирми кои што 90, 100, 200, 300 милиони евра ќе украдат од буџетот и од вас граѓаните, ако добро се пременува и се работи, во што немам сомневање.“, кажа Мицкоски.

Со новиот систем, Управата за јавни приходи ќе може да вкрстува податоци за секоја трансакција, за да идентификува сомнителни активности и да ги забрза контролите. Освен во борбата со криминал, е – фактурата ќе игра клучна улога и во ограничување на сивата економија. За најголемиот број компании, користењето на е – фактурата ќе биде бесплатно, преку веб-апликацијата на УЈП, додека посложените ќе можат да го интегрираат системот во своите софтверски решенија.






TV21

Read Previous

Предлог Законот за Судски совет е во владина процедура

Read Next

Викендов ќе се прска против комарци во Скопје