June 26, 2025

Средба на претседателот Гаши со делегацијата на Големото турско национално собрание

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Скопје оствари средба со делегација од Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија при Големото турско национално собрание, која престојува во тридневна посета на земјата.

На средбата беше нагласено дека во изминатата година се бележи значително интензивирање на билатералната комуникација на повеќе нивоа, што претставува уште една потврда за длабокото и традиционално пријателство меѓу двете земји и народи.

Претседателот Гаши изрази благодарност до Турција за лекувањето на повредените во трагедијата што се случи во март годинава во Кочани.

Тој истакна и дека постои простор за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка, особено преку интензивирање на контактите меѓу работните тела во двата парламента кои работат на исти области.

Претседателот на Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија, Ахмет Килич, посочи дека во последните месеци се забележува зголемена динамика на билатерални средби на високо ниво, што според него придонесува кон натамошно унапредување на односите меѓу двете земји.

Килич особено се осврна на економската соработка, нагласувајќи дека трговската размена меѓу Турција и Северна Македонија веќе ја надминала границата од една милијарда долари, со што, како што рече, во овој дел веќе е поставена нова цел.

На средбата беа разменети мислења и за улогата на турската заедница во Северна Македонија, за турските инвестиции, како и за потенцијалот за унапредување на соработката во области како образованието, здравството и туризмот.

Делегацијата од Турција што вчера допатува во Скопје оствари средба и со пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија, како и со претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија на Северна Македонија, Муса Џафери, и членовите на оваа комисија.

Read Previous

Трагедија во Грција: Се удави 19-годишник од Македонија

Read Next

Муцунски на настан во Хаг посветен на анализата на клучните одлуки донесени на самитот на НАТО