
Европската Унија (ЕУ) доби значајна поддршка од Турција при евакуацијата на европски граѓани од Иран, во услови на ескалација на тензиите меѓу Тел Авив и Техеран, соопшти денес висок претставник на Унијата.
Кристијан Бергер, директор на Центарот за кризни одговори при Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), ја пофали улогата на Турција во овозможувањето безбеден копнен премин и натамошно патување на граѓаните.
Поради отсуството на делегација на ЕУ во Техеран, Бергер рече дека блокот се соочил со ограничувања на терен и се потпира на координација предводена од ротирачкото претседателство на ЕУ, кое моментно го има Полска.
„Малку сме ‘хендикепирани’ во Иран бидејќи немаме делегација во Техеран“, рече тој.
Во текот на изминатите три дена неколку конвои за евакуација успешно ги преминаа копнените граници со Турција, Азербејџан, Ерменија и Туркменистан, истакна тој, без да го наведе точниот број на евакуирани лица.
– Сирија –
Осврнувајќи се на поширокиот став на ЕУ за Сирија, Бергер рече дека земјата останува големо прашање за блокот поради нејзината геополитичка важност и хуманитарните предизвици.
„Санкциите сега се укинати, не само од наша страна туку и од страна на САД“, рече тој, нагласувајќи дека оваа промена е особено важна за трговските оператори. Тој додаде дека компаниите долго време биле воздржани да инвестираат во Сирија поради страв од секундарни американски санкции – слично на ситуацијата по нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
Бергер додаде дека иако укинувањето на санкциите е чекор напред, сепак ќе биде потребно време комерцијалните актери да се чувствуваат доволно сигурни за да инвестираат.
„Ова е комерцијален ризик што компанијата треба да го преземе“, рече тој, додавајќи дека цел на ЕУ е да помогне во оживувањето на сириската економија, особено да создаде услови за враќање на луѓето раселени од граѓанската војна.
„Направивме сè што можевме за да ги укинеме санкциите, за да се осигуриме дека сириската економија може повторно да закрепне и да им овозможиме на луѓето да се вратат“, додаде тој.