
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се сретна со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, во Тирана.
Премиерот Мицкоски на својот профил на платформата Х објави пост за неговата средба со британскиот премиер во рамките на 6. Самит на Европската политичка заедница што се одржа во Тирана, главниот град на Албанија.
„На средбата постигнавме согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, истакна Мицкоски.
Тој рече дека тоа преставува стратешки договор кој ја позиционира Северна Македонија во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство.
„Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка“, наведе Мицкоски во објавата и додаде дека за самиот договор се преговарало повеќе месеци помеѓу тимови од двете држави, и вклучувал членови за блиска соработка во повеќе клучни области.
AA