
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во Тирана каде што ќе учествува на Шестиот самит на Европската политичка заедница.
Ердоган на плоштадот „Скендербег“ во Тирана беше пречекан од премиерот на Албанија, Еди Рама.
Во кратката изјава, турскиот претседател рече: „Очекуваме многу работи, заедно со мојот брат (Еди Рама). Од Албанија, ќе го кренеме нашиот глас за мир за целиот свет“.
Шестиот самит на Европската политичка заедница започна во Албанија под мотото „Нова Европа во нов свет“, на кој учествуваат шефови на држави и влади, како и претставници на големи меѓународни институции.
На Самитот присуствуваат лидери на земјите членки на ЕУ, земји од регионот, како што се Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и други европски земји, како и лидери на институциите на ЕУ и претставници на НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа.
Дискусии ќе се одржат во неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската одржливост на Европа, економската конкурентност и безбедноста, сложената динамика на миграцијата и на војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на Самитот прес-конференција ќе одржат премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја ќе биде домаќин на следниот Самит на Европската политичка заедница.
АА