
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ќе престојува во еднодневна посета на Скопје, каде ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски.
По средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, е предвидена заедничка прес-конференција меѓу Мицкоски и Кошта во Владата.
Како што информира владината прес-служба, посетата на Кошта има за цел да ја потврди решителната поддршка на Европската Унија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Претходно, Кошта ги посети Белград и Сараево, а Скопје е една од клучните станици на неговата дипломатска мисија.
„Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично“, истакна Кошта во пресрет на посетата.
По престојот во Скопје, премиерот Мицкоски ќе го придружува Кошта на неговиот лет до Тирана, каде вечерта ќе се одржи неформална вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан. В петок е планиран и состанокот на Европската политичка заедница, исто така во Тирана.
Антонио Кошта најави дека во сите средби со регионалните лидери ќе се фокусира на тековните предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот, а ЕУ ќе покаже подготвеност за практична и политичка поддршка. Посетата се оценува како важен сигнал дека Унијата останува посветена на европската иднина на Македонија и регионот.
Skopjeinfo