
Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денес во Белград потпишаа договор помеѓу двете влади за заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце-Прешево.
Како што е истакнато од Министерството за внатрешни работи на РСМ, тоа треба да овозможи имплементација на системот „One Stop“, со цел побрз транспорт на луѓе, поголема трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
„На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз чија основа нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево, со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток, како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница“, рече министерот Тошковски.
Тој истакна дека со имплементацијата на системот се очекува двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишувањето и ратификацијата на договорот, како што рече, ќе може да се започне со тест фазата, изразувајќи надеж дека и официјално ќе може да се стави во функција пред почетокот на летната сезона.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, од своја страна потенцираше дека целта на овој договор е уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
„Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце, каде што воспоставуваме нов процес на работа што има цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки“, рече Дачиќ, истакнувајќи дека полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја да ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја, со што се воспоставува системот „One Stop“ со едно место на контрола.
Неодамна системот „One Stop“ е имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, се планира имплементација и со Република Албанија, со што Северна Македонија ќе го има воспоставено овој систем со сите земји соседи што не се дел од Европската Унија, истакна Министерството.
AA