
Не повеќе од два часа и зад затворени врати – така се одлучуваше судбината на крилото на Алијанса за Албанците, во рамки на владината коалиција.
Внатре или надвор од Владата – прашањето останува без одговор и по денешната средба на премиерот Мицкоски и лидерот на партијата Таравари.
Далеку од камерите и во четири очи, претседателот на Владата ги потврдил јавно изнесените позиции, а средбата завршила во конструктивен дух. Владините извори информираат дека разговорите продолжуваат и во текот на овој месец ќе се знае иднината за функционирањето на Алијанса за Албанците, во рамки на Владата.
Претходно, премиерот Мицкоски оцени дека за Таравари има само две опции – со власта или со ДУИ. Порача дека и со и без Алијанса, Владата ќе биде стабилна.
„Што се однесува до моите лични односи со Таравари, во политиката ние комуницираме долго време. Како човек имам позитивно мислење за него, но во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш. Тука нема флуидни варијанти. Или држиш до зборот или не држиш до зборот. Јас мислам во неговиот случај најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот. Имало моменти кога можеби имало дилема во рамките на раководството на партијата. Заткулисни игри се провидни игри, лесно се идентификуваат и препознаваат и најчесто ваквите заткулисни игри им се удираат од глава на оние кои ги прават“, кажа Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Во изминатиот период, Таравари кажа дека Алијансата нема никаков проблем да ја напушти владината коалција, ако тоа го побара премиерот. Денеска и самиот кажа дека, во случај на соработка со било која опозициска партија, тие ќе ја напуштат владата.
„Ние тоа што сме го поминале на Централно претседателство е дека АА ќе има сопствени советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Ќе го слушнеме премиерот и ќе процениме како продолжуваме натаму“, кажа Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Неизвесноста околу учеството на Алијанса во Владата започна со расколот во коалицијата Вреди, околу прераспределбата на градоначалничките и советнички позиции на изборните листи.
Оттогаш, Вреди прерасна во еден политички субјект со тројца лидери кои продолжуваат заедно и понатаму – Меџити, Касами и Ибрахими.
Тelma