април 21, 2025

Лидерите од регионот со пораки на сочувство за смртта на папата Франциск

Со порака на сочувство се огласи словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, која истакна дека е длабоко погодена од веста за смртта на папата.

„Неговиот глас за мир и правда инспирираше милиони. Неговата смрт на велигденски понеделник само ја продлабочува симболиката на неговото наследство – живот посветен на надежта и обновата“, истакна Пирц Мусар во пораката, упатувајќи сочувство до Католичката црква.

„Со голема тага ја примив веста за смртта на Неговата Светост, Папата Франциск. Светот изгуби извонреден духовен водач кој ширеше љубов, мир и солидарност преку своето апостолско дејствување“, напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи по смртта на верскиот лидер на католичкиот свет, и додаде:

„Неговата работа за зајакнување на меѓурелигискиот дијалог и посветеноста на хуманизмот остави неизбришлива трага во историјата.“

Вучиќ посочи дека папата Франциск беше гласник на надежта и помирувањето и секогаш во служба на најзагрозените.

И претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, упати порака со сочувство за смртта на папата во свое и во име на граѓаните на Црна Гора:

„Папата Франциско беше духовен лидер кој ги надахнуваше срцата на верниците низ светот. Неговата вера, понизност и неуморна борба за мир, правда и достоинство на секој човек ќе остави неизбришлива трага.“

Косовската претседателка Вјоса Османи во порака на платформата Х истакна дека папата Франциск беше „глас на сочувство, понизност и правда во нашето време“.

„Неговото наследство ќе продолжи да живее во безбројните животи што ги допре. Ние стоиме заедно со сите оние кои ја пренесуваат неговата трајна порака за надеж, мир и човечко достоинство“, истакна Османи.

И претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и премиерот Еди Рама ги пренесоа своите пораки по смртта на поглаварот на Римокатоличката црква.

Според соопштението на Претседателството на Албанија, Бегај го пофали ликот на папата Франциск „како симбол на универзална љубов, сочувство и посветеност без разлика на верата или националноста“.

„Нашите средби ќе ги чувам длабоко во моето сеќавање. Се придружувам на молитвите на сите верници Албанци неговата душа нека почива во мир“, се вели во пораката на претседателот Бегај.

Преку социјалните мрежи и премиерот на Албанија, Еди Рама, се збогува со папата со зборовите: „Збогум, свети оче, голем и незаборавен пријател на Албанија“.

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, на социјалните мрежи напиша: „Збогум, свети оче. Вашата посебна љубов кон Албанија, вашата длабока љубезност и сочувство ќе останат засекогаш во моето срце.“

Денес, на 88-годишна возраст почина папата Франциск по долга борба со тешка болест. Како што соопшти претходно Ватикан, папата страдал од долготрајна респираторна болест слична на астма, поврзана со тромбоцитопенија.

Франциск е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, во семејство на италијански имигранти. На чело на Римокатоличката црква беше повеќе од една деценија.

Read Previous

На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути