
Министерот Арбен Таравари е загрижен за евроинтегративниот пат. Тој не очекува наскоро да се најде решение за блокадата.
„Не гледам набргу решавање за продолжување на патот на Македонија кон Европската Унија. Премиерот Мицкоски со право има одредени услови коишто ги бара за да се случат уставните промени, јас мислам дека сосема е во право тука“, изјави Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ.
Таравари летото беше оптимист за отворање на преговарачките кластери, кога се уште беше актуелна темата за евентуално напуштање на ВРЕДИ на Владата ако не се изгласаат уставните измени.
„Јас сум сигурен дека оваа Влада ќе ги започне преговорите, а не сакам да бидам преамбициозен, дека и би ги завршила во мандатот додека ја има оваа Влада“, изјави Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ.
Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, прашањето за евроинтегративниот пат може да се одрази на ВРЕДИ на претстојните локални избори.
„ВЛЕН како политичка коалиција тотално ги излажа, изманипулира и ги разочара веројатно своите гласачи, кога наводно пред изборите лани, па и потоа, даваше условно кажано некој грејс-период од шест месеци, од три месеци, каде што ќе го условува своето учество со гласање, односно продолжување на евроинтеграциите и гласање на уставните измени. Гледаме дека од тоа нема ништо“, изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.
Министерот Таравари повтори дека за ВРЕДИ евроинтеграцијата останува приоритет, но за деблокада, како што додава, е најважен ставот на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ кој има 58 пратеници, бидејќи без нив не е возможна промена на Уставот.
TV21