март 31, 2025

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам: Заканата од терористички напади е на ниско ниво

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денес одржа конститутивна седница, со која претседаваше националниот координатор Павле Трајанов.

На седницата, којашто е прва по назначување на новиот состав, националниот координатор информираше за поставеноста и дејствувањето на Националниот комитет во кој се вклучени дваесет и две институции, како и за соработката со Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), амбасадите на САД, Холандија, Германија, Велика Британија и други, како и соработката со граѓанскиот сектор.

На седницата се расправаше за актуелната безбедноста состојба во Македонија, со посебен акцент на активностите за спречување на радикализацијата, насилен екстремизам и тероризам.

За актуелната безбедносна состојба обраќање имаше Габриела Јаковлева, директорка на Агенцијата за разузнавање, како и претставник од Агенцијата за национална безбедност.

За пост-пеналниот третман на повратниците од Сирија и Ирак зборуваше Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.

За вклученоста на граѓанскиот сектор на планот на превенцијата информираше Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Општа е оценката дека Македонија е стабилна, а заканата од терористички напади е на ниско ниво.

Националниот комитет ги дефинира приоритетите и идните активности за спречување на радикалните појави, радикализацијата, насилниот екстремизам, како и борбата против тероризам.




Lokalno

Read Previous

Зголемен прометот во трговијата на мало во февруари

Read Next

Албанскиот премиер Рама: На Европа ѝ се потребни сојузници како Туркије и Блискиот Исток