февруари 22, 2025

Косово ја одбележува 17-годишнината од прогласувањето на независноста

Косово продолжува да се соочува со надворешни и внатрешни предизвици и по 17 години од прогласувањето независност.

Најновата држава во Европа, Косово, прославува 17 години од прогласувањето независност од Србија во 2008 година, станувајќи суверена држава, со независни институции и со свои државни симболи на Западен Балкан, јавува Анадолу.

Косово продолжува да се соочува со надворешни и внатрешни предизвици и по 17 години од прогласувањето независност.

Европската Унија (ЕУ) продолжува да ги одржува санкциите наметнати во јуни 2023 година за Косово, поради непочитувањето на барањата за итни чекори од страна на Владата на Косово за намалување на тензиите на северот, а продолжуваат и предизвиците на државата за стекнување нови признанија на независноста и членство во меѓународни организации.

Како резултат на силната експлозија што се случи вечерта на 29 ноември 2024 година во селото Вараге, Зубин Поток, оштетен беше водоводниот канал Ибар – Лепенец. Косовските власти изјавија дека нападот бил насочен кон критичната инфраструктура на земјата – системот за водоснабдување и производството на електрична енергија, директно обвинувајќи ја Србија за оркестрирање и извршување на овој напад.

Косово постигна благ напредок кога е во прашање борбата против корупцијата, како еден од предизвиците што ја придружуваше државата со години.

– Чекорите до независноста на Косово –

За време на југословенскиот период, Косово беше регион во рамките на Сојузна Република Србија. Иако југословенскиот Устав му даде автономија на Косово во 1974 година, таа беше укината од режимот на Слободан Милошевиќ во 1989 година.

По распадот на Југославија во 1991 година, крвавата војна што прво изби во Хрватска, потоа во Босна и Херцеговина, се прошири и на Косово.

Операцијата на српската Армија во 1998 година, заедно со полициските и паравоените единици, против Ослободителната војска на Косово (ОВК), која бараше независност, заврши во 1999 година, по 78-дневната операција на НАТО. Во војната загинаа околу 13.000 Косовари, од кои над осум илјади Албанци, додека над милион Косовари од различни етнички групи, од кои 800.000 Албанци, ги напуштија своите домови.

И по завршувањето на војната, имаше тензични ситуации меѓу Србија и Косово.

Првата поголема криза по војната се случи во 2004 година. За време на овие настани, наречени „Мартовски немири“, животот го загубија 19 лица, од кои 11 Албанци и 8 Срби, додека стотици други беа повредени.

Во извештајот од 2005 година на Каи Еиде, норвешкиот дипломат назначен за специјален претставник во Косово од тогашниот генерален секретар на Обединетите нации (ОН), Кофи Анан, беше препорачано да започнат преговорите за конечниот статус на Косово.

Во 2005 година, Анан го назначи Марти Ахтисари за специјален претставник во Косово. Во 2007 година, Ахтисари поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН во кој се наведува дека Косово треба да биде независно. Од друга страна, Србија го отфрли ова, препорачувајќи „надгледувана автономија“.

Во согласност со планот на Ахтисари и резолуцијата 1244 на ОН, која предвидуваше формирање меѓународна мисија, на 17 февруари 2008 година, Косово прогласи независност.

Србија ја испрати својата жалба за прогласувањето независност до Меѓународниот суд на правдата (МСП) и во јули 2010 година доби одговор дека независноста на Косово „не е во спротивност со меѓународното право“.

Голем број земји, вклучително и Туркије, веднаш ја признаа независноста на Косово. Денес, 117 земји го признале Косово како независна држава, од кои последна е Израел, кој ја призна независноста на Косово во февруари 2021 година.

– Пописот на населението во 2024 година покажува пад на резидентното население –

Неколкупати одложуван, пописот на населението во Косово конечно беше спроведен во 2024 година.

Според податоците од пописот од 2024 година, резидентното население е помало во споредба со 2011 година, кога беше извршен претходниот попис. Намалувањето е израз на емиграцијата на косовските граѓани во земјите на ЕУ со години наназад.

Според податоците на Косовската агенција за статистика (КАС), заедно со општините во северно Косово со мнозинско српско население, каде што овој процес беше бојкотиран од жителите, се проценува дека вкупниот број жители е 1.602.515, за разлика од пописот во 2011 година кога се изброени 1.739.925 жители.

Во однос на етничкиот состав, како Албанци се изјасниле 91,76 отсто, Срби 2,31 отсто, Бошњаци 1,69 отсто, Турци 1,22 отсто, Ашкалии 1,02 отсто, Египќани 0,67 отсто, Горани 0,58 отсто, Роми 0,55 отсто и 0,19 отсто други.

– Замрзнат процесот на дијалогот Косово – Србија

Во 2011 година во Брисел со посредство на ЕУ започна процесот на технички разговори меѓу Косово и Србија, со цел нормализирање на односите меѓу двете држави. Разговорите не донесоа значајни конкретни решенија и често беа прекинувани, вклучително и во последните години.

Последен пат лидерите на соседните држави се сретнаа во Брисел на 14 септември 2023 година.

Од 1 февруари 2025 година, Петер Соренсен беше назначен за претставник на ЕУ за олеснување на процесот на дијалогот Косово – Србија со првичен мандат од 13 месеци, наследувајќи го Мирослав Лајчак.

Премиерот Курти, на својата прва средба со Соренсен за време на конференцијата во Минхен, Германија, изјави дека за да се продолжи напред, потребно е да се потпише Основниот договор меѓу Косово и Србија, да се повлече писмото на поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ, како и да се предаде Милан Радојчиќ, осомничен за нападот од 24 септември 2023 година во Бањска?Бањско.

Договорот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, што беше постигнат во 2023 година, не е потпишан од страните, но претставниците на ЕУ постојано повторуваат дека овој договор е правно обврзувачки за Косово и Србија. Договорот од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправување за српската заедница во Косово и меѓусебно признавање на државните симболи.

Кон крајот на минатата година, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази загриженост за недостигот на напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија олеснет од ЕУ. Европската Унија јасно ѝ стави до знаење на Србија дека без нормализирање на односите со Косово, таа не може да стане членка на ЕУ.



AA

Read Previous

Доставени предлозите за намалување на цените на групи производи

Read Next

Полицијата постави рекорд, викендов казнети 3142 лица од кои 1498 за брзо возење