Европскиот Фронт изразува револт и огорченост поради, како што велат, срамните и неодговорни изјави на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија.
Тврдењето на Гаши дека единствениот службен јазик во земјата е македонскиот, а дека албанскиот јазик е „преведен јазик,“ за оваа партија претставува не само отворена лага, туку и тежок чин на предавство кон албанскиот народ, историјата и тешко стекнатите права.
„Шокантно е, но не и изненадувачки, што Гаши – личност избрана за да служи како марионета во највисоката хиерархија на државата – може да падне толку ниско, достигнувајќи ниво на самопонижување кое дури и најжестоките анти-Албанци не би се осмелиле да го допрат. Овој срамен чин на подаништво и предавство покажува не само недостаток на интегритет, туку и подготвеност за поткопување на уставните принципи на оваа држава само за да ја зачува својата позиција. Да го потсетиме Гаши за некои непобитни факти: Амандманот V од Уставот јасно го дефинира албанскиот јазик како службен јазик покрај македонскиот. Законот за употреба на јазиците понатаму го консолидира користењето на албанскиот јазик како службен во сите сфери на јавниот живот. Во пракса, албанскиот јазик е составен дел од институционалната, културната и општествената структура на нашата земја – реалност која не може да биде избришана со ниту еден чин на сервилност“.
Според Европскиот фронт, со негирање на овие вистини, Африм Гаши не само што го навредува албанскиот народ, туку ја делегитимира и функцијата кој ја има.
Како Претседател на Собранието, како што појаснуваат, неговата должност е да го брани Уставот, да ја зачува меѓуетничката хармонија и да дејствува во интерес на сите граѓани – а не да предизвикува поделби, да сее раздор и да го намалува достоинството на втората најголема етничка заедница во земјата.
Ова, велат од Европскиот фронт е предавство од големи размери.
„Зборовите на Африм Гаши звучат како реторика на оние кои историски настојувале да ги маргинализираат Албанците, да го избришат нашиот идентитет и да ги потценат нашите придонеси во ова општество. Неговите постапки ги предаваат жртвите на генерациите Албанци кои се бореле за еднаквост, претставеност и почит во оваа држава. Африм Гаши не претставува никого освен себеси и тесните интереси на оние кои го поставиле на оваа позиција. Тој не е глас на албанскиот народ и не ги отелотворува нашите вредности, гордост или аспирации.
Африм Гаши ја премина границата која ниту еден Албанец не ја преминал. Историјата ќе го памети ова предавство, а албанскиот народ нема да го прости“.
Бараат негова итна оставка од функцијата Претседател на Собранието.
„Тој ќе остане срам за нашиот народ, за нашата историја“, потенцираат од Европскиот фронт.
ZOOM