декември 12, 2024

Масар Омерагиќ ќе биде седмиот претседател на ФФМ

Масар Омерагиќ се очекува на 22. декември и официјално да стане претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Омерагиќ е единствен кандидат да го замени Сејдини, кој си поднесе оставка пред неполн месец.

По повлекувањето на досегашниот прв човек на федерацијата, Муамед Сејдини, а по одржаните собранија на општинските фудбалски сојузи, и Комисијата за избори и верификација на ФФМ, по предлог на Општинскиот сојуз на Свети Николе, официјално потврди дека Масар Омерагиќ ќе биде единствен кандидат за претседател на ФФМ.

Масар Омерагиќ ќе биде само трет претседател на самостојната Фудбалска федерација на Македонија, почнувајќи од 1992 година до денес, со успешна фудбалска кариера зад себе, а вкупно четврти во историјата на Фудбалскиот сојуз на Македонија (од 2003 година – Фудбалска федерација на Македонија) почнувајќи од 1948 година и првиот фудбалски сојуз, пишува порталот ЕКИПА.

Во својата независност по основањето на самостојниот Фудбалски сојуз на Македонија, досега Македонија имала шест претседатели на ФФМ, Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) и Муамед Сејдини (2018-2024).

Од нив, првиот со фудбалско педигре кој бил претседател на Македонија по независноста е Ламбе Арнаудов, истакнатиот фудбалер на Охрид, а потоа и на Вардар, по што кариерата ја продолжи во САД, играч кој остави голем белег во фудбалот покрај Охридското езеро.

Втор по него е Илчо Ѓорѓиоски, кој играше за Македонија ЃП,  Балкан и  Вардар, потоа во Израел, Турција, Шведска и  Бугарија, а беше и тренер на Вардар со кого дојде до шампионската титула.

Пред нив, „фудбалски претседател“ во време на ФСМ во рамките на ФСЈ беше уште само Томче Филиповски, долгогодишен фудбалер и капитен на Работнички, во тоа време еден од најдобрите фудбалери во Македонија, кој по оваа функција стана и претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.

Омерагиќ има три шампионски титули во Првата лига на Македонија, а беше дел и од три финални натпревари во Купот на Македонија. Беше првотимец во извонредната генерација на Слога Југомагнат, со Гого Јовчев и Јане Николоски, со Есад Чолаковиќ, Неџмедин Мемеди, Неџат Шабани, Зекирија Рамадан, Неби Мустафи, Арџен  Беќири, Зоран Мисердовски, браќата Горан и Зоран  Јовановски, Арбен и Ардијан  Нухиу…

Беше дел претходно и од екипата на Балкан Стококомерц, предводена од еден од најдобрите македонски тренери Зоран Мишиќ, а во состав со играчи како Љупчо Кметовски, Цено Александровски, Љупчо Рафески, Џенан Хајдари, Муарем и Музафер Салихи, Гоце Димовски, Мијалче Михајлов, Драган и Борче Томоски, Борче Христов, Феим Бегановиќ, Свето Станковски, Џемаил Зекири…

Пред крајот на кариерата Масар Омерагиќ беше дел и од најтрофејниот македонски клуб  Вардар,, чиј тренер тогаш беше  Вангел Симов, заедно со Един Нурединовски, Муарем Зекир, Љупчо Маркоски-Калц,  Никола Аврамовски-Коки, Горан и Саше Караџови, Ванчо Трајчов, Игор Стојанов, Саше Јанев, Драган Начевски, Александар  Бајевски, Саше Крстев , Илчо Боров…

По крајот на кариерата, станува член на УО на ФФМ во периодот од 2002 до 2006 година, а потоа го напушти одборот поради несогласувања на начинот на кој се води фудбалот.

ИЗВОР: ЕКИПА

Read Previous

Експлозија во Белград: Се слушнала силна детонација, па потоа се појавил густ дим

Read Next

Ердоган: „Следните два-три месеци се многу важни“