ноември 20, 2024

Воздухот во Скопје се чисти за два дена, исто како лани за време на самитот на ОБСЕ

Народот е научен на политичарите и на тие околу нив да не им верува за ништо, меѓутоа кога станува збор за загадувањето, послушно се прифаќа нивното.

Во поглед на спречувањето на загаденоста на воздухот, земјава е идиот. Еколошки имбецил од светски размери. Насекаде и во секој час од денот и ноќта постојат укажувања на вистинскиот извор на загадувањето, а тоа е токму масовниот увоз на стари автомобили со дизел мотори, што ЕУ буквално ги фрли надвор за да го спречи загадувањето, меѓутоа штом стари автомобили со дизел мотор ја преминат македонската граница, тие одеднаш биднуваат амнестирани и не загадуваат ниту тронка.

Почнаа жалопојките. Новината годинава е во тоа што некој се сети дека Скопје не е единствено во земјата што потонува во убиствена загаденост од канцерогени честички, туку конечно се сфати дека истото важи и за Тетово, Кичево, Велес, Кочани, Битола. Насекаде е опасно. По воспоставената рутина, сега ќе почнат да се појавуваат објави по трулите медиуми дека загаденоста била многу опасна. Се пикаат по ординации, по пазари, по соседи, за да соберат стручни мислења околу вистинската мера со којашто загаденоста на воздухот загрозува сé живо во оваа напатена Македонија.

Па, цел свет веќе се бори против тоа и успева, не ни се потребни глупави наслови за народот да си го исплашиме. Кон што води тоа, народот треба да престане да дише? Затоа, земјава е еколошки идиот, имбецил! Што е следно, пак ќе почнеме да се крстиме во Трпе и Трајче, во Трпана и Трајанка. Уште колку до 500 години загадување?

Загаденоста на воздухот, од Скопје до Гевгелија, од Дебар до Делчево, не е друго туку директен плод е на револуцјата што се случи во 2010 година, кога педесет илјади терачи на луксузни лимузини и џипови, исфрлени како користени автомобили во Германија и околината, и собрани кај бугарите, се заканија дека ќе ги блокираат сите патишта во земјата, доколку треба да платат давачка што дотогаш нé штитеше од увезување на таков отпад. Се сеќава уште некој на таа грозна слика, кога два од три автомобили се возеа на бугарски таблици?

Таму почнува загадувањето. Еко-идиотот од државава конечно треба да се свести, по само деценија и пол од зачнувањето на националната катастрофа, дека целото загадување, ширум државава, не е од тоа што домовите се загревале со дрва, масло и пластика, или од цементарници и железарници и правење ајвар, туку е од тоа што се пуштени старите увезени автомобили со дизел мотори, со онеспособени катализатори, раздувани од сите страни, растерани од разулавени возачи, да ни го донесуваат загадувањето до пред нос. Нема каде да се бега! Или, сепак има?

Во 2005 година, моторните возила во Македонија потрошиле 186.436 тони дизел. Во 2023 година, потрошувачката на дизел во земјава достигнува 639.478 тони дизел! И, зарем тоа никого не алармира во оваа еко-идиот од држава? Наспроти тоа што согорувало во дизел моторите во 2005 година, близу две децении подоцна дизел моторите согореле дополнителни 453.042 тони дизел. Индустријата не загадува толку.

Колку треба да биде идиот некој што се повикува на заштитник на животната средина, и да тврди дека во домовите во земјава се согорува количина дрво или гуми што е еквивалент на 639.478 тони дизел?

Прво мора оваа еко-идиот земја да сфати дека заштитата на животната средина бара не само специјализација, туку супспецијализација што ќе биде посветена на врската меѓу согорувањето нафта во увезените користени автомобили со дизел мотори. Не може секој Петко и Блерим да се јавува и да продава ставови околу загадувањето.

Колку студии се направени во Македонија во изминатиов период за да се утврди изворот на загадувањето?

Идиотизмот почна уште откако пред деценија и пол, неколку тетки ја најдоа финската формула за пресметување на учеството на одделни извори на загадување и со крајна компетентност веројатно ставиле дека автомобилите трошат три литри дизел и испушааат два три микрограми канцерогени честички ПМ на метар кубен. Од таа проста студија, ниту е извршена друга, компетентна студија, ниту е направено какво било напредување во смалувањето на загаденоста. Оттогаш остана убедувањето дека автомобилите учествуваат со 20 проценти во загаденоста. Тоа е канцерот на идиотизмот во државава, така почна ова лудило.

Еден лик од Заеб-режимот, дури кажа на времето дека морале мачно да ги нагодуваат мерните станици за загаденоста на воздухот, оти овие што ни ги подарија Јапонците биле стари и покажувале погрешни вредности. Точно така. Никој не знае колку навистина е загадено Скопје и цела Македонија. А, тоа може да биде само повисока, отколку пониска вредност од таа што ни се пријавува. Ликот, патем, имаше намера од парите од народот да купува станици што вредат милиони евра и се набавуваат од роднини, секако. Тој ниту знаеше дека од простотилак ќе се издаде, ниту пак се покажа дека некој е доволно писмен да разбере што кажа тој лик од времето на семка и боза министерствата.

Зошто за викендот во недела секогаш ни се сончеви утрата? Зошто во вторник и среда и четврток, загаденоста секогаш достигнува максимум? На овие прашања секако дека во моментов нема кој да одговори, од наследниците на Заеб-режимот, покрај општото убедување дека загаденоста доаѓа од затоплувањето, оти лете нема загаденост.

На кого да му се објасни за топлотна инверзија? И кој вооошто е стручен да зборува за загаденоста? Некој професор, инженер, академик, климатолог, да кажеше нешто. Или барем некој таков да смееше да каже нешто јавно, затоа што вистината што ќе ја открие ќе повлече ништо помалку од граѓанско востание.

Причината зошто зиме се достигнува убиствена загаденост, а лете не, единствено лежи во феноменот што се нарекува температурна инверзија. Воздухот во повисоките слоеви се лади побрзо од воздухот што е долу во градот, се спушта, се згуснува и оневозможува отровот оздола да изветри. Градовите се задушуваат во сопствените отрови. Тенџере со зовриена вода, со тежок капак озгора. Точно тоа. Единствено е разликата што тоа не е зовриена вода, туку отров. Разреден цијанид во мали дози, секој ден по малку.

Некој спомна загадување со азотни оксиди, што е уште поопасно од загадувањето со ПМ-честички? Изворот и на двата отрови се дизел моторите, конкретно дизел моторите со директно впрскување во увезените стари автомобили

Многу бил зголемен бројот на возила? Според вредната статистика, последното ажурирање се 483.482 автомобили во 2022 година. Во 2012 година биле 301.761 авотмобили. Тоа сепак не е драстично зголемување. Но, во друга пригода за тоа што увезените стари автомобили служат две три години и завршуваат во ридови од автомобилски отпад ширум државава.

Просечна старост 19,5 години во 2022 година, наспроти 15,4 години во 2008, кусо пред „револуцијата“

Кој волшебник го исчисти воздухот во Скопје лани во ноември, кога светски големци дојдоа на самит на ОБСЕ?

И уште еднаш, државата еко-идиот на дело. Во деновите на одржување на Самитот на ОБСЕ лани во ноември, загаденоста на воздухот во Карпош и Центар постојано беше под нормалната граница од 50 микрограми ПМ10 на метар кубен. Веднаш штом завршува Самитот, загаденоста се враќа на вообичаените вредност од најмалку стотина микрограми ПМ10 на метар кубен. И понатаму расте, до двесте, тристотини итн. Како се постигна тоа волшебство? Ако тогаш го исчистиле воздухот, зошто истото не може да го повторат сега, кога зоврива националниот отров?

Секако дека не беа повикани на помош виши сили, туку единствено што придонесе за загаденоста да се спречи, тоа беше запирање на сообраќајот на поширокиот простор околу салата Борис Трајковски, каде што се одржуваше самитот. По улиците во јадрото на градот стивна сообраќајот. Немаше сообраќај, по Илинденска, по 8-ми Септември. Се кружеше околу.

Меѓутоа, на несреќа на лажните заштитници на животната средина, а на среќа на народот, но тоа само кога жалопојките по медиумиве ќе престанат, тоа историско расчистување на отровите во воздухот покажа недвојбено и без каков било сомнеж, дека загадувањето во Скопје и цела Македонија, директно произлегува од возилата со дизел мотор, односно главно од масовно увезените користени дизел автомобили со онеспособен систем за пречистување на издувот.

И што понатаму? Што кога еден ден ќе се најде некој помоќен медиум од Аутомедиа – порталов единствено го откри скандалот со 40-те милиони што некои перачи на клозетите на Нато, сакаа да му ги украдат на народот, преку божемната фабрика за електрични автомобили во Тетово – и конечно ќе почне да му се разјаснува на народов дека во сите Заеб-режими досега некој го влече за нос околу вистината за загадувањето. Сега се ветува спас со когенерациски централи што ќе чинат веројатно само неколку милијарди. И парите од народот ќе учествуваат, многу веројатно.

Тоа што ѝ треба на спас на оваа еко-идиот држава е револуција. Една од многуте што се потребни. Секој што ќе се јави или коментира со став дека причината за загадувањето било горењето дрва, или гуми, јавноста треба да почне да го осудува. Ако ништо друго, да го третира како идиот.

Проблемот со загадувањето ќе заврши во истиот момент кога народ ќе почне да им се собира на политичариве и на тие околу нив, и да протестира во борба за чист, македонски воздух. Два дена мирување, толку треба за свестување и за конечен доказ. Оштини можат да воведат стивнување на сообраќајот во неделите, да видиме што ќе се случи.

Во шампионот еко-идиот Скопје, патем, попладне во саботите и неделите врие од автомобили во Градскиот Парк, на Водно, во Матка. Се обидел некој пеш да се движи покрај колоните возила што чекаат за паркинг и директно да ги вдише отровите?




Automedia

Read Previous

Во Грција почнува 24-часовен штрајк, синдикатите бараат зголемување на платите

Read Next

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал- мајор Лафчиски на Конференција на командантите на Јужното крило на НАТО