ноември 23, 2024

Министерот за економија на Северна Македонија во посета на Стопанската комора на Анкара

Министерот за економија и труд на Северна Македонија, Бесар Дурмиши, ги информираше турските бизнисмени за можностите за инвестирање во Северна Македонија

Министерот за економија и труд на Северна Македонија, Бесар Дурмиши, и делегацијата што го придружуваше, ја посетија Стопанската комора на Анкара (АТО) и се сретнаа со бизнисмени од главниот град на Туркије, јавува Анадолу.

Според соопштението на Комората, министерот Дурмиши учествувал на состанокот организиран од претседателот на АТО, Ѓурсел Баран, и претседателот на Собранието на АТО, Мустафа Дерјал.

На состанокот присуствуваа претставници на повеќе индустрии, вклучувајќи ја одбранбената, автомобилската, челичната, хемиската, земјоделската и фармацевтската индустрија. Исто така, на состанокот присуствуваа и компании кои произведуваат индустриски и земјоделски машини.

Во својот говор, Баран рече дека многу сектори во Северна Македонија се сметаат за потенцијални области за инвестирање од турските претприемачи.

„Во Северна Македонија има повеќе од 100 турски компании кои работат во сектори како што се банкарство, градежништво, здравство, управување со аеродроми, образование, текстил, млеко и млечни производи, осигурување, хотелиерство и туризам. Нивната целокупна инвестиција е 1,5 милијарди долари. Може да се каже дека нашите земји имаат значителен потенцијал и во меѓусебната трговија и во трговијата со трети земји, бидејќи Северна Македонија е важен транзитен и дистрибутивен центар на Балканот“, рече Баран.

– „Сакаме да ги зајакнеме силните врски преку трговија и инвестиции“ –

Нагласувајќи ги силните историски и културни врски меѓу Туркије и Северна Македонија, Баран потсети дека Договорот за слободна трговија меѓу двете земји е на сила од 1 септември 2000 година.

„И покрај сите овие можности и оваа блискост, обемот на трговската размена меѓу нашите земји е под 1 милијарда долари. Ние веруваме дека постои потенцијал многу над оваа бројка и мораме да го активираме овој потенцијал. Сакаме да ги зајакнеме силните врски, мостот на срцата меѓу Туркије и Северна Македонија, со трговија и инвестиции“, рече Баран.

– Дурмиши ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија –

Министерот за економија и труд на Северна Македонија, Дурмиши, ги информираше турските бизнисмени за можностите за инвестирање во Северна Македонија.

Нагласувајќи дека целта е да се удвои увозот и извозот меѓу двете земји, Дурмиши рече: „Кога ќе дојдете во нашата земја како инвеститори, ние сме подготвени да ја дадеме поддршката што можеме како Влада.“

Тој истакна дека има висок потенцијал во енергетскиот, металниот и градежниот сектор во Северна Македонија.

Генералниот директор на Халкбанк, Осман Арслан, којшто исто така учествуваше на состанокот, даде информации за структурата и работењето на банката во Северна Македонија.




AA

Read Previous

Тошковски-Аксинте: Романија и во иднина ќе биде лојален поддржувач и пријател на Македонија

Read Next

Македонија и Бугарија договорија заеднички проект за тунелот за кој Николовски велеше дека „не води никаде“