Бојко Борисов со освоени 66 пратенички мандати е победник на седмите парламентарни избори во последните три години. Само 37,5 проценти од гласачите одлучија да го искористат своето право на глас.
„Ќе се обидеме да направиме симулација, кој со кој би коалицирал, како би можело да се состави идната Влада во Бугарија и дали може се состави. Првата споредба ќе ја направиме доколку двете партии на прво и второ место се обидат да направат коалиција, ГЕРБ и Продолжуваме со промените, имаат по 66 и 36 мандати или вкупно 102 пратеници, што не се доволни за состав на нова Влада. Другата опција која што можеби е актуелна и треба да се направи споредба е така наречената малцинска Влада или сите останати освен првите две во листата. 138 стигнува бројот на пратеници кои може да се добие од сите останати партии и ова значи дека вака може доколку вториот мандат за состав на Влада Румен Радев го додели на овие партии“, вели репортерот на ТВ21.
Резултатите во Дејли Клик ги анализиравме со поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.
„Лидерите на политичките елити не даваат надеж кај бугарските граѓани дека ќе успеат и овој пат да направат политичка Влада и довербата кај бугарското граѓанство е во стагнација тие се незаинтересирани за исходот од изборите“, порача Марјан Ѓорчев.
Решението Ѓорчев го гледа во појавување на нов „играч“.
„Да се чека некој голем играч, во оваа фрагментирана ситуација, големиот играч ќе биде Румен Радев затоа што неговиот рејтинг е убедливо над сите рејтинзи“, додава Ѓорчев.
Во Македонија на петте избирачки места гласале 327 Бугари.
„За мене е зачудувачко. Ако вие во Република Македонија имате бугарски клубови, бугарски здруженија кои со години работат, имате политичка партија која што може да агитира, се знае дека тоа се македонски граѓани со бугарска самосвест претседателот е Петар Колев човек кој што добро е познат во македонската јавност, таа може да агитира да ги мотивира македонските граѓани со бугарска самосвест да гласаат, зошто тоа не го прават јас не знам. Јас мислев дека овој пат ќе има најмалку 3000 бугарски граѓани кои ќе гласаат на изборите, што не добар индикатор за расположението на тие македонски граѓани со бугарска самосвест“, вели Марјан Ѓорчев.
Резултатите од новите избори ќе треба да дадат одговор на главното прашање – дали ќе заврши политичката криза и серијата предвремени избори или напротив – дали проблемите дополнително ќе се продлабочат.
TV21