ноември 23, 2024

Претседателката на Северна Македонија вчера се сретна со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен


Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економски раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствaри средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесува Анадолу.

Како што стои во соопштението испратено од Кабинетот на претседателката, на средбата биле разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјата и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

„Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економски раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија. 

Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изрази очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој“, стои во соопштението.

Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.

Претседателката Сиљановска-Давкова изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста од продолжувањето на новиот пристап на постепена, фазна интеграција паралелно со процесот на пристапување.

Во контекст на регионалните случувања, претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека напредокот постигнат од секоја земја кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапување во ЕУ и ги истакна своите заложби за натамошно унапредување на севкупната регионална соработка во интерес на заедничката стабилност, безбедност и просперитет.

Во текот на престојот во Скопје, Фон дер Лaјен претходно се сретна и со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Претседателката на ЕК, како дел од нејзината балканска турнеја, вчера престојуваше во Албанија, а попладнево отпатува за Босна и Херцеговина.

AA

Read Previous

СДСМ: Бојан Христовски не ги исполнува условите за директор на АНБ

Read Next

Владата објави нови шест летови од Скопје и од Охрид идната година – еве до каде и од каде ќе може да се лета