ноември 23, 2024

Мицкоски: Остануваме цврсто посветени, како Влада, на својот пат кон полноправно членство во ЕУ


Премиерот на Северна Македонија рече дека Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за проширување на ЕУ во најскоро време, додавајќи дека земјата останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, ја прими претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лaјен, која престојува на официјална посета во Скопје, јавува Анадолу.

По церемонијата за прием со највисоки почести, Мицкоски и Фон дер Лaјен одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше состанок на двете делегации.

На заедничката прес-конференција по состаноците, премиерот Мицкоски упати благодарност за посетата и конструктивниот дијалог.

„Нашата средба беше од исклучителна важност за иднината и за натамошното динамизирање на европските интеграции кои се врвен стратешки интерес, приоритет и цел за регионот на Западен Балкан. Остануваме цврсто посветени, како Влада, на својот пат кон полноправно членство во ЕУ. 

Нашата визија е јасна: Сакаме да бидеме дел од европското семејство споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на право и почитување на човековите права“, рече Мицкоски, додавајќи: „Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици“.

Тој додаде дека Владата на Северна Македонија високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за проширување на ЕУ во најскоро време, додавајќи дека земјата останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ.

„Очекуваме ЕУ заедно со нас да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите и вредностите на коишто почива самата ЕУ. Очекуваме од ЕУ да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес“, рече премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека целта е јасна, „но патот до неа бара заеднички труд, соработка, дијалог и меѓусебно разбирање“.

AA

Read Previous

Фон дер Лајен во Скопје: Убедена сум дека можеме да ги надминеме пречките на патот кон членството во ЕУ

Read Next

Фетаи се сретна со новиот бугарски амбасадор Радуков