Ова треба да се смета за голема можност. Мислам дека тоа би било најточниот чекор земјите од регионот да го проценат тоа како голема можност, бидејќи мора да бидеме подготвени за таква можност
Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, изјави дека евентуалната војна меѓу Израел и Иран треба да се разгледува како голема можност и предупреди дека Туркије и регионот треба да бидат подготвени за тоа, јавува Анадолу.
Фидан во интервју за телевизиската куќа Хабер Глобал ја коментираше актуелната ситуација во Туркије и регионот.
На прашањето да ги коментира израелските наводи дека шефот на Политичкото биро на Хамас, Јахја Синвар, е убиен во напад во Газа, Фидан потсети дека Туркије на сите платформи од 7 октомври 2023 година предупредува дека војната ќе ескалира и ќе донесе геополитички проблеми.
По повод наводите дека Синвар е убиен, Фидан рече дека сѐ уште нема потврда од Хамас и дека треба да се почека.
„За жал, Газа е претворена во гробница под отворено небо каде се убиени десетици илјади невини луѓе и извршен е геноцид“, рече Фидан.
Одговарајќи на прашањето за неговиот состанок со лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, пред тој да биде убиен, Фидан рече дека по тој состанок забележал дека Хезболах нема да започне сеопфатен напад и дека ќе ја задржи сегашната позиција.
Фидан наведе дека во тоа време оцениле дека на Израел во воениот план на акции е да ги елиминира еден по еден Хамас, Хезболах, Хусите во Јемен и други елементи кои претставуваат закана за него.
Тој посочи дека земјите од регионот не ја покажуваат чувствителноста што ја покажуваат кон Палестина кога станува збор за Либан.
На прашањето дали ќе дојде до воена состојба меѓу Израел и Иран, Фидан рече дека тоа треба сериозно да се разгледа како многу можно.
„Ова треба да се смета за голема можност. Мислам дека тоа би било најточниот чекор земјите од регионот да го проценат тоа како голема можност, бидејќи мора да бидеме подготвени за таква можност. Како регион, ова проширување на војната, се разбира, не е она што го сакаме“, рече Фидан.
Истакнувајќи дека Туркије последните 20 години прави интензивни напори за да го осигура мирот и да стави крај на судирите, Фидан рече дека Анкара на никаков начин не поддржува никаков судир со Иран или почеток на војна. „Целосно сме против тоа, но од друга страна, доколку Иран дејствува во самоодбрана, се разбира, тоа е негово право“, рече Фидан.
AA