ноември 22, 2024

Железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија останува главен приоритет на државите

Железничкото поврзување помеѓу Бугарија и Македонија, како дел од коридорот 8, останува главен приоритет за двете држави. Ова беше потврдено од претставниците на Европската комисија по завршувањето на заедничкиот состанок на министрите за транспорт од Македонија и Бугарија во Брисел.

Според регулативата TEN-T, изградбата на железничкиот коридор 8 ќе продолжи со поддршка од Европската инвестициона банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Секретаријатот на транспортната заедница. Македонија и Бугарија се согласиле да одржуваат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за овој проект.

На состанокот учествуваа бугарскиот заменик-министер за транспорт Бисер Минчер, државниот секретар од македонското министерство за транспорт Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура на Македонија Синиша Ивановски, како и претставници од Комисијата на ЕУ и финансиските институции.

Министерствата ќе работат на координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од коридорот. Двете земји ја поздравија поддршката од координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и од Постојаниот секретаријат на транспортната заедница во врска со напредокот на коридорот 8.

Министерството за транспорт и врски на Македонија истакна дека не се откажува од проектот за железничко поврзување со Бугарија, но нагласи дека не може да прифати реализација на проект кој завршува со тунел без постојан проект од бугарска страна. „Услови за продолжување на овој проект се поврзани со започнување на проектирањето на тунелската цевка од Бугарија, со цел двете држави заеднички да работат на пробивањето на тунелот. Ова ќе придонесе за остварување на регионалната интеграција во рамките на европската транспортна мрежа. Исто така, неопходно е да се ревидира цената на проектот, која се смета за превисока“, се вели во соопштението.

Од бугарска страна, беше истакнато дека во моментов нема проект за доизградба на железничката пруга до границата со Македонија, но постои подготвеност да се започне со изработка на проект кој би бил завршен до 2026 година.




TV21

Read Previous

Висока воена делегација на Турција во посета на Македонија

Read Next

Министерот Мисајловски на состанокот на министри за одбрана на НАТО