септември 20, 2024

Столтенберг доби благодарница и плакета од Северна Македонија

Северна Македонија стана 30. земја членка на НАТО на 27 март 2020 година, а на чело на Алијансата беше Јенс Столтенберг

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува Анадолу.

Како што соопштуваат од македонското МНР, министерот Муцунски му врачил на Столтенберг благодарница и плакета за извонредни достигнувања и придонес во евроатлантската безбедност поради фактот дека актуелниот генерален секретар на НАТО наскоро ќе замине од оваа позиција.

„Изразувајќи благодарност за неговото лидерство и водењето на организацијата, истовремено нагласувајќи ја важната поддршка за нашето членство во Алијансата, министерот Муцунски го истакна значењето на личните напори на Столтенберг за зачувување на заедничките вредности и одржување на мирот и стабилноста во Западен Балкан, регион од стратегиско значење за НАТО“, се наведува во соопштението.

Наедно министерот Муцунски ја потенцираше и посветеноста кон политиката на отворени врати на Алијансата, како клучен фактор за зачувување на регионалната стабилност.

„Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО, правејќи ја Алијансата покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста во евроатлантската област“, нагласи Муцунски на средбата.

Потсетуваме дека Северна Македонија стана 30. земја членка на НАТО на 27 март 2020 година, а на чело на Алијансата беше токму Јенс Столтенберг.




AA

Read Previous

Просечната нето плата во јули изнесува 40.961 денар