ноември 24, 2024

Северна Македонија реагира за фотографирањето „само со бугарски знамиња“

Властите во Северна Македонија реагираат поради неодамнешната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Бугарија и фотографирањето со бугарскиот претседател Румен Радев само со бугарски знамиња

Властите во Северна Македонија реагираат поради неодамнешната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Бугарија и фотографирањето со бугарскиот претседател Румен Радев „само со бугарски знамиња“, јавува Анадолу.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија вчера го повика амбасадорот на Република Бугарија, Желјаско Радов. Како што информираат од македонското МНР, на средбата беше изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирање на двајцата претседатели, при што дополнително беше побарано објаснување од бугарската страна.

Исто така, за отстапувањето од договорениот протокол се пожали и претседателката Сиљановска-Давкова, која за локалните медиуми вчера истакна дека сепак решила да се слика и да не направи скандал.

„Една мисла беше дека можам да заминам и ќе направев скандал, а друга беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал“, изјави Сиљановска-Давкова во интервју за локалните медиуми, додавајќи дека со колегата Радев имале пријатен ручек.

– Бугарските власти: Посетата не била ниту државна ниту работна

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 13 септември престојуваше во посета на Република Бугарија, а дел од делегацијата беше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во рамките на посетата претседателката Сиљановска-Давкова, освен средбата со претседателот на Бугарија, Румен Радев, присуствуваше и на настапот на македонската Национална опера и балет во Софиската опера и балет.

Откако и во бугарската јавност се постави прашањето околу знамињата, претседателот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека „посетата не била ниту државна ниту работна“ и поради тоа не се постапило според протоколот за знамиња.

„Имавме многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера“, рече Радев.

Во врска со настаните реагираше и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој најави и протестна нота до Бугарија.

„Кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира“, изјави Мицкоски, додавајќи дека „ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане практика“.

Реакции имаше и од македонската опозиција, која упати критики за настапот на претседателката Сиљановска-Давкова и министерот Муцунски.




AA

Read Previous

Во Охрид 67. Светски конгрес на Инетернационалната полициска асоцијација

Read Next

„Балансерот“ утре на седница на Уставниот суд – ДКСК смета дека примената води кон злоупотреби