септември 19, 2024

Радев пред средбата со Силјановска-Давкова: Очекуваме Република Северна Македонија да ги исполни сите обврски што ги има прифатено пред нас, пред ЕУ и сите партнери

„Очекуваме Република Северна Македонија да ги исполни сите обврски што ги има прифатено и пред нас на билатерален основ и пред ЕУ и сите партнери, за да продолжиме навистина целосно да ги развиваме нашите односи“, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев пред средбата со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска, јавува Трибуна.

Силјановска отпатува во неофицијална посета на Бугарија за да ја проследи оперската претстава „Набуко“ во изведба на Операта и балетот на Република Северна Македонија во Софија.

,,Вистина е дека музиката и културата се сфери кои не зближуваат. Бугарија секогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија. Бугарија очекува овој дијалог не само да помага за нашето културно зближување, да даде залет на економската соработка и туризмот. Ние очекуваме со овој дијалог конечно да се решат и отворените прашања меѓу нас. Тие треба да се решаваат врз база на Договорот за пријателство и соработка и потпишаните кон него протоколи и заклучокот на Европскиот совет од летото на 2022 година, прифатено едногласно од сите држави членки и со согласноста на Република Северна Македонија. За да може конечно да се отвори патот на нашиот сосед кон целосна европска интеграција , најмногу во интерес на младите луѓе таму. Тоа ќе биде еден многу јасен знак за целиот регион. Исто така ангажманот на раководството на РС Македонија покрај културната соработка и со Коридорот 8 ќе биде јасен знак за реалните европски амбиции на Република Северна Македонија , за поголема поврзаност и поголема безбедност за државите во регионот “, изјави Радев пред бугарските новинари во авиобаза Граф Игнатиево.

Радев изјави очекување дека желбата за дијалог од страна на претседателката Силјановска ќе се претвори во една последователна политика и на Владата на РС Македонија. Во однос на тоа дека Силјановска доаѓа во неофицијална посета на Бугарија , Радев истакна дека Бугарија ќе го следи протиколот и подвлече дека е негов ред за официјална посета на РС Македонија.

,, Ние го почитуваме строго протоколот, ред е за моја официјална посета во Република Северна Македонија, а потоа јас ќе ја поканам “, изјави Радев. На прашање дали има таква покана од македонска страна , Радев истакна дека ќе разговара со претседателката Силјановска и ќе го прецизираат тоа прашање.





ZOOM

Read Previous

Турскиот министер за надворешни работи ја истакна важноста на стратешката соработка со Узбекистан

Read Next

Kонференција „Иднината на Европа и Балканот“ се одржа вчера во Скопје